Општина Куманово исплатила над милион денари за граѓани каснати од куче

Општина Куманово лани од својот буџет им исплатила 1.290.685 денари (21.000 евра) на граѓани кои ја тужеле Општината бидејќи биле каснати од куче. Надомест за претрпени физички повреди и психички трауми добиле 14 лица, а биле пријавени 39 каснувања од улични кучиња на територијата на Општина Куманово, но не сите постапки завршиле во суд. Со парите кои годишно ги троши Општината за оваа намена, веројатно е дека за проблемот до сега ќе се најдеше трајно репение.

„Надоместот е различен од случај до случај, но најчесто варира од 50.000 до 80.000 денари. Во некои екстремни случаи може да биде и повеќе. Висината зависи од видот на повредата, возраста на нападнатиот, дали се работи за дете или возрасен човек, дали е нападнат од едно или повеќе кучиња.“

Во 2021 за истата намена Општина Куманово потрошила 845.204 денари или околу 14.000 евра, што е за 7.000 евра помалу од лани. Но, таа година биле обесштетени само шест граѓани, па испаѓа дека износот бил многу повисок и во просек изнесувал над 140.000 денари. Тогаш на територијата на Општина Куманово имало вкупно 22 пријави.

Во изминатите две години, од буџетот на Општина Куманово се потрошени над 35.000 евра за исплата на отштета по тужби за каснување од куче. Оваа година, бројот на вакви пријави би можел да биде многу поголем, бидејќи само во првите три месеци ги има 23. Во еден ден расно куче нападна осум граѓани, од кои четири деца.

„Во судските постапки се доставува психијатриско вештачење и се утврдуваат видот на телесните и душевните болки, претрпен страв, намалена животна активност. Врз основа на тоа се одредува износот на отштетата“, кажа Иван Ангеловски, раководителот на правниот сектор во Општина Куманово, пред советниците.

Извор: сдк.мк