Левица: СДСМ, ДУИ и ДПМНЕ го блокираат предлог законот за екстра профит

  • Реакција на Политичката партија Левица

Предлог Законот за данок на солидарност или данок на екстра профит, кој требаше да биде донесен по скратена постапка уште на почетокот од оваа година, власта во соработка со ВМРО-ДПМНЕ го чува во фиока.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски (кој е претседател на собраниската Комисија за финансирање и буџет, не го става законот на дневен ред сѐ додека не се одржи јавна дебата, која патем е одржана во периодот од декември до почетокот на јануари. Оваа партија немаше свој претставник на јавната дебата во Министерство за финансии, веројатно затоа што е против оданочување на најбогатите, па сега Стојаноски глуми дека јавна дебата не се одржала.

Левица преку својот претставник на јавната дебата најави поддршка на овој закон, со забелешки дека е задоцнет и неговата еднократна примена нема да ги постигне посакуваните цели. Со овој Предлог закон, Владата предвиде дека приходите ќе се зголемат само за 76,5 милиони евра.

И покрај тоа што во земји-членки на ЕУ и во Велика Британија веќе се оданочуваат екстра профитите, кај нас власта, заедно со ВМРО-ДПМНЕ преќутно ја застапува бизнис заедницата и најбогатите. И додека поголемиот дел од народот живее на работ на егзистенција, профитерите плаќаат иста даночна стапка, како и обичните граѓани. Власта на СДСМ и ДУИ го полни буџетот со нови и сѐ поскапи задолжувања, од кои најзасегнати се осиромашените граѓани, а од друга страна, ширум ја отвора вратата за создавање на екстра профити на најбогатите странски инвеститори.

Левица во својата програма предвидува мерки со кои ќе се стави крај на военото профитерство овозможено посебно во големите економски кризи, со воведување на прогресивен данок – не само на личен доход, туку и данок на добивка како трајно решение и истовремено укинување на даноците за најмалите стопанственици и најсиромашниот слој на граѓани.