Исмаил: Историската комисија – орган за бугаризација

Во колумна за писменото издание на весникот Фокус, членот на президиумот на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, зборува за Историската комисија како дел од усвоениот Протокол за решавање на спорот со Бугарија и за обврските што преку неа ѝ се наметнуваат на Македонија на патот кон ЕУ.

Според последните анкети, повеќе од 70% од народот на Македонија се изјасниле ПРОТИВ т.н Француски предлог, кој подоцна ЕУ го преточи во преговарачка рамка за членство во ЕУ. Да нема забуни, сè уште остануваа да важат копенхагенските критериуми за членство во ЕУ, но за Македонија има посебна рамка; за нас ЕУ има специјални критериуми – решавање историски фрустрации на Бугарите преку билатерални преговори со Македонија. Иако огромен е процентот на македонскиот народ против ваквиот вид преговори со ЕУ, сепак протисокот е насочен само кон политичарите, особени кон оние од опозицијата.

РЕВИЗИЈА НА ИСТОРИЈАТА

Јас во овој текст, колку што ми дозволува просторот, ќе се обидам да укажам на едно многу важно „стручно“ тело, поточно комисија, т.н. Историска комисија, предвидена со „Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија“, склучен, 2017-тата година.

Целосниот назив на ова тело, според членот 8 од споменатиот Договор со Бугарија, е: Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашањаОва тело е одамна формирано и во него, како дел од македонската страна учествуваат солидни историчари, антрополози и политолози. Но, доколку луѓето бидат прашани на улица кој сè има во оваа Комисија,  извесно е дека нема да можат да набројат ниту двајца, а ги има дури седуммина.

Задачата на Историската комисија која во Договорот од 2017-та е дефинирана како „Да придонесе за објективно и научно толкување“. Ако се задлабочите, ќе забележите дека никаде не е наведено што тоа значи „објективно толкување“, и дали одлуките се донесуваат едногласно или консензуално. Со ваквата поставеност и позиции на двете страни, Бугарија има дискреционо право да одлучува што е тоа „објективно“. Од проста причина што, доколку бугарската страна не се согласува со македонската, тогаш процесот на напредок (преговори на Македонија со ЕУ) не може да продолжи, додека при обратен случај, кога Македонија не би се согласила со нешто, не постои никаква последица за Бугарија.

Понатаму, „објективното и научно толкување“, кое треба да го прави Комисијата, се однесува на „историски настани“, но нема ограничување за кои историски настани?! Бугарија може да го спори апсолутно секој историски настан пред 1991 година. Очигледно е дека целта е присвојување на Македонската револуционерна борба и нејзино изедначување како бугарска. Како дополнителен мотив е и ревизијата на анти-фашистичкото минато на Македонија, преку кое фашизмот се изедначува со комунизмот, се со цел Бугарија да се испере од злосторствата правени пред и за време на Втората светска војна. Токму ова е и причината за агресивното настојување на Софија во ревизија на историјата.

МЕШАЊЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Целите на Комисијата се таргетирани учебните програми, учебници и релевантни учебни материјали. Оттука, нејзините одлуки недвосмислено претставуваат алатка за диреткно мешање во процесот на образование, што е област на внатрешните работи на Република Македонија, и според тоа е уставно забранета категорија.

Резултатите на Комисијата ќе бидат земени како подлога и материјал кој треба да се рефлектира врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и слично, што претставува уште една ексклузивна сфера на внатрешните работи во која Бугарија ќе има директен удел.

Очигледно дека е дадена централна улога на Комисијата како дел од усвоениот Протокол за решавање на спорот со Бугарија и обврските што преку него ѝ се наметнуваат на Македонија на патот кон ЕУ. Токму од одлуките на Комисијата во иднина ќе зависат многу суштествени прашања од делот на образованието, историјата и т.н. Дополнително, според Протоколот: работата на Комисијата не може да биде еднострано прекината. Што претставува уште еден доказ за тоа дека државата е доведена во подредена положба. Имено, со оваа одредба секоја идна влада се обврзува да учествува во играта која се игра по бугарски правила.

Комисијата дури е определена и како еден вид надзор над процесот на спроведување на одлуките кои произлегуваат од нејзината работа.

„За да се обезбеди неповратноста на напредокот во овие сегменти и целосната имплементација, напредокот одблиску ќе се набљудува од Комисијата, која за тоа ќе му реферира на Советот“, стои во Протоколот.

Ваквата позиција на Историската комисија може и да биде од корист за македонскиот народ, односно, скратен пат во наметнувањето на својата политичка волја против бугаризацијата која му се заканува.

Но, ова може да се постигне само доколку македонската јавност, народот, преку јавен притисок врз стручните лица, кои, како „македонска страна“, се дел од оваа Комисија, успее да ги натера да се откажат од учество во едно такво тело, кое треба да послужи само како детергент со кој политичарите и платените апологети на бугаризацијата ќе „перат раце“… кога веќе членовите на оваа Комисија немаат доблест каква што покажа нејзиниот екс член, Александар Литовски.