Левица: Гори опасен отпад на депонијата Буково – Молк од Пецаков и Тозиевски

  • Реакција на Политичката партија Левица

Веќе втор ден гори депонијата Буково лоцирана покрај патот Охрид – Ресен. Запален е токсичен пластичен отпад, а темниот облак ја обви Преспанската котлина и стигна до туристичкиот центар Отешево.

Депонијата Буково е една од црните еколошки точки, за која постојано алармираат жителите и еколошките здруженија од овој реон. Додека нашите туристички центри се гушат во канцероген воздух, градоначалниците на Ресен и Охрид, Јован ТОЗИЕВСКИ и Кирил ПЕЦАКОВ, молчат и се кријат од јавноста!

Иако секоја нова политичка гарнитура ветува дека ќе го реши проблемот со дивите депонии, ниту СДС, ниту ДПМНЕ, не покажаа капацитет да стават крај на овој екоцид – очигледно затоа што не е профитабилен бизнис за делење тендери и корупција.

Од друга страна, министерката ШУКОВА најави дека до крајот на 2024 година ќе биде изградена регионалната депонија во Новаци, што претставува уште едно излитено ветување, со оглед на фактот дека Шукова со години е дел од Министерството за животна средина и од партиската Комисија на СДС!

Потсетуваме дека депонијата Буково, според препораките на Унеско, требаше да биде затворена до крајот на 2020 година. Потсетуваме дека пред две години, ДПМНЕ алармираше дека е несфатливо во 21 век да гори депонија и ветуваше изградба на фабрика за отпад.

Денес, иако со месеци повторно гори депонијата, што ескалира последниве неколку дена, локалната власт на ДПМНЕ никаде ја нема да објасни пред јавноста што се презема за ова горчливо прашање.