Санкциите на САД и ЕУ ја оставија на немилост Сирија

Статус на Круме Богевски – советник на Левица во општина Кавадарци.


По синоќешната седница (на општина Кавадарци) на која разговаравме за логистичките проблеми со кои се соочуваме обидувајќи се да помогнеме на народот од Сирија решив да истражам малку повеќе . Што ја прави Сирија толку исклучена од хуманитарните канали? Краткиот одговор: санкции.

Долгиот одговор:

1. Многу транспортни компании одбиваат да пренесуваат стока до Сирија заради санкциите на САД и ЕУ. Два огромни пазари кои не сакате да ве стават на црна листа ако сте дел од логистичката индустрија! Тоа ја прави Сирија речиси исклучена од остатокот од светот.

2. Сирија нема дипломатски односи со повеќето земји. Со тоа е едно сегрегирано парче земја без директен контакт со модерниот свет. Турција пак има силни дипломатски врски со речиси сите држави, па праќањето на циркуларно барање за хуманитарна помош беше доволно за да светот се солидаризира околу турскиот народ компаративно повеќе отколку за Сиријците. Ова повторни се должи на децениската војна и санкциите од САД и ЕУ!

3. Инфраструктурата во државата е целосно уништена како последица од воените немири. Ова ги вклучува патиштата, електродистрибутивната мрежа, телекомуникациските врски и тн. Тоа дополнително ја прави внатрешноста на Сирија недостапна. Сепак најпогоден е градот Алепо, кој е на северната граница, па како што се наоѓаше начин за хуманитарна помош во Пакистан, Индонезија, Иран и тн. верувам дека може да се формираат хуманитарни конвои и до Алепо! Кога само не би биле санкциите нели…

4. Нестабилната власт и непризнавањето на власта од поголемиот дел на светот! Иако не е време за политика, изгледа Западот продолжува да се занимава со политика и во период на рехабилитација од траорна несреќа…

5. Недостаток на кадар е исто голем предизвик за Сирија! Бегалската криза резултираше со одлив на поголем дел од лекарите, а дел и од оние кои што останаа во татковината загинаа! Во воени конфликти во последната деценија во Сирија биле бомбардирани 38 болници, 450 амбулантни возила, а убиени повеќе од 700 лекари!

Има уште илјадници причини, но сите се сведуваат на воениот конфликт и санкциите кои САД и ЕУ ги воспоставија кон Сирија! Затоа, заклучокот е дека санкциите ја продлабочуваат кризата (всушност како и сите санкции на ЕУ), оневозможуваат рехабилитација и ќе доведат до зголемување на бројот на жртвите како одминува времето заради исцрпување на ресурсите! 🌍Им требаме ние, им треба светот! Турција и Сирија мора да бидат во главниот фокус наредниов период. Во Турција до вчера веќе пристигнаа 62 спасувачки тимови на доброволци од целиот свет. Во Сирија речиси и да не пристигнаа! Земјотресот не уништуваше до границата, продолжи и од другата страна, зошто да не продолжи и хуманитарната помош?

П.С: Ништо не е невозможно! Општина Кавадарци определи 600 илјади денари за директна хуманитарна помош на Турција во координација со амбасадорот и конзулите, додека по моето настојување 300 илјади денари ќе бидат насочени во солидарниот фонд на Црвениот крст со дознака за хуманитарна помош на Црвената полумесечина во Сирија!