Вучиќ: Спремни сме да помогнеме на Македонија оваа зима

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, во емисија на „Пинк ТВ“ најави дека доколку е потребно, Србија е спремна повторно да и помогне на Македонија. Оваа изјава доаѓа непосредно по најавувањето на „тешка зима“, како од европската, така и од домашната политичка елита.

Оваа помош тој ја најави во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, но, важно е да се напомене дека Србија под претседателството на Вучиќ повеќе пати и има помагано на Македонија и пред постоењето на оваа иницијатива.

Тој додаде дека трите земји од оваа иницијатива треба меѓусебно да си помагаат во месеците што доаѓаат.

Секој секому може да помогне. Може во одредени денови да и помогнеме на Македонија во струја и во храна. Постојат различни денови, некој повеќе се ослонува на хидрологијата, кога е добра Албанија може да и помогне на Македонија, понекогаш дури и на нас, кажа Вучиќ.

Потсетуваме, во време на пандемијата, кога ЕУ и стратешките партнери не беа спремни да помогнат на Македонија, Вучиќ прв и помогна на државата со донирање вакцини, кога Владата на Заев немаше набавено ниту една вакцина.

Исто така, во периодот кога се појави кризата од недостиг на основни прехрамбени продукти и започна енормната инфлација, Србија испрати количини на брашно и масло што постојано пристигаа во Македонија.