Левица: Повеќе од 65% од македонските граѓани не можат да отидат на одмор

  • Реакција на Политичката партија Левица

Последниот податок на страната на Еуростат за Република Македонија се однесува на 2020 и изнесува 55% од Македонците дека не можат да дозволат годишен одмор. Од 2020 до 2022 година светот беше затворен поради пандемијата и туризмот беше сведен на минимум.

Од декември 2021 наваму инфлацијата е во постојан раст, а куповната моќ на македонските граѓани секој ден опаѓа. Оттаму, повеќе од 65% од граѓаните на Македонија не можат да си дозволат еднонеделен одмор на море, езеро или планина. Најзагрозени се семејства со еден родител, семејствата со повеќе деца, работниците со месечни примања помали од просекот и пензионерите.

Последната анкета на Евростат која е спроведена над 40 000 испитаници, граѓани на Европската Унија, за тоа колку од нив не можат да си дозволат барем една недела одмор надвор од местото на живеење покажа дека просекот е нешто на 28% жители. Најлош е просекот во Романија (62%), Бугарија (48%) Грција(43%) и Хрватска(42%).

Ако се земат предвид просечните плати на споменатите држави (Романија 810 евра, Бугарија 773, Грција 936 и Хрватска 1130) се поставува прашањето колкав процент од македонските граѓани не можат да си дозволат седумдневен одмор надвор од местото на живеење, со оглед на тоа што македонскиот просек на плати е многу понизок.

Правото на одмор од минимум 20 работни дена во годината е законски регулирано право. Работодавачот е должен да го даде, а работникот не смее да го одбие. Исто така правото на годишен одмор не значи само дека работникот се ослободува од работните обврски туку и право и можност да влезе во туристичките текови, да го напушти своето постојано живеалиште и да се упати кон одредена туристичка дестинација. Но повеќе од 65% од македонските граѓани тоа не можат да си го дозволат.