Забрана за наплата на провизии и надоместоци

Забрана за наплата на провизии и надоместоци за отворање, водење или затворање на трансакциска и девизна сметка за физички и правни лица. Исто така забрана за отворање и водење на дебитна или кредитна картичка, ниту пак месечни членарини, без оглед на бројот на картички.

Ова се дел од измените на Законот за платежни услуги и платни системи кои ги предлагаат група пратеници и кои се доставени во Собранието. Вакви измени претходно беа предложени од пратениците на Левица Апасиев и Крмов, кои власта ги одби, но сега со мали корекции повторно до Собранието се предложени корекции во овој закон, но овој пат на пратениците од Левица им се придружија од ЛДП и ДОМ

Во предлог решението доставено во Собранието се забележува дека се бара банките да не наплаќаат ниту ажурирање на лични податоци на корисниците на платежните услуги, ниту пак промена на статусот на корисникот на платежна услуга (од резидент во нерезидент и обратно), ниту промена на дневен лимит, или промена на пинови.

Исто така на листата на функции за кои не треба да се наплатуваат трошоци, пратениците ги навеле и аплицирање или промена на дозволено пречекорување, потоа регистрање и овозможување непречено користење на услугата електронско банкарство и електронско плаќање (активен профил), како и услуги на мобилно банкарство (инсталација, регистрација, обнова на УСБ сертификати и сл.). Целосната листа на функции за кои се предлага да нема наплата може да ја видите тука.

  • Основната цел на овој Предлог на закон е заштита на граѓаните како корисници на платежни услуги, преку регулација на прашањето на банкарските провизии и другите давачки поврзани со одобрување кредити, за одржување трансакциски сметки и плаќања како што се проверка на состојба на сметка на банкомат да се уреди со закон, а не да се остави на интерните политики на банките кои согласно Законот за платежни услуги и платни системи ги уредуваат и јавно објавуваат. Со постигнување на целта заради која се предлага законот ќе се постигне и решението и начелата на законот, а тоа се заштита на граѓаните од нерамноправната и неповолната состојба во која се наоѓаат во изминатите години и која директно влијае на нивната социоекономска положба – напишале предлагачите во целите на ова законско решение.

Како што се појаснува во предлог решението, забрането ќе биде да се наплатуваат било какви провизии или надоместоци кои се однесуваат на водење и одржување на сметка на платежна картичка, регистрање и овозможување на користење на услугата електронско банкарство, проверка на состојба на сметка на банкомат и издавање изводи за состојба на сметка од експозитура на банка, повлекување на готовина од сметки од банкомат во негова сопственост како банка или од банкомат во сопственост на друг давател на платежни услуги (друга банка), издавање на потврда за состојба на кредит и потврда за затворен кредит, членарина (месечна или годишна) за платежна картичка, административните трошоци за разгледување и обработка на барање за кредитни аражмани за станбен кредит и други провизии за кредит, на административни и судски такси во кој било поединечен износ и на надоместокот односно провизијата за готовински и безготовински платен промет.

  • Со предложените законски решенија ќе се заштитат граѓаните како корисници на платежни услуги од плаќања на надоместок или провизија за водење и одржување на сметка на платежна картичка, повлекување на готовина од сметки од банкомат во негова сопственост како банка или од банкомат во сопственост на друг давател на платежни услуги (друга банка), издавање на потврда за состојба на кредит и потврда за затворен кредит, членарина (месечна или годишна) за платежна картичка, за административни трошоци за разгледување и обработка на барање за кредитни аражмани за станбен кредит и други провизии за кредит и законски ќе се ограничи надоместок за провизија за учесникот во платниот промет кога се врши уплата за готовински и/или безготовински платен промет на еден од инструментите за платен промет (уплатница или образец) – се наведува во законот.

Предлагачите посочуваат дека врз основа на податоците од многуте анализи објавени во 2021 година „македонските банки се одлично капитализирани и финансиски успешни“ и во 2020 година имаат остварено поголема вкупна добивка од 2019 година.

  • Од ова може да се заклучи дека банките во Македонија остануваат релативно отпорни на ударите, кои ги нанесуваат пандемијата и светската економска криза, без оглед што им опаѓаат главните приходи од каматите и не можат да заработат од камати, банките овој недостаток го надоместуваат од зголемување на провизиите и другите надоместоци. Според објавените податоци од Државниот завод за статистика речиси една четвртина од жителите на Македонија живеат во предизвикувачки услови што дополнително ја оправдува оваа законска интервенција со која што ќе им се помогне на граѓаните и ќе започне да се намалува, во одредена мера негативното влијание од економската криза – се потенцира во предлог закон.