Годинашната реколата на кочанскиот ориз ќе биде намалена за 60%

Оризовите полиња во Кочанско зафатени со болест која за оризопроизводителите е тотална непознаница. Со болеста велат дека се сретнале за прв пат пред 5 години, но изминатиот период било во помал обем, за годинава да се прошири на околу 50 % од засеаните површини. Тие ги препознаваат симтомите, но не знаат точно за што се работи.

Самото растение нема вегетација како што треба да има за овој период од годината. Нема доволно храна во самото растение, не зема, коренот се суши и растението останува мало, изјави Тони Максимов, оризопроизводител.

Побараа од Земјоделските факултети при УКИМ и УГД да излезат на терен и да најдат соодветно решение, но во меѓувреме во коштец со проблемот се фати Илија Каров.  Каров категорично тврди дека не се работи за нова болест, туку за инсект.

Лично јас дојдов да видам, се работи за инсект. Сега ларвите се во коренот и го јадат кореновиот систем. Во овој случај треба да се прска со системичен инсектицид или било кој инсектицид да се користи, за малку од малку да се намали штетата, а штетата веќе е направена, бидејќи многу е размножен, изјави Илија Каров, поранешен декан на Земјоделски факултет – УГД – Штип.

Стеблото на оризот се обидува да пушти адвентивни коренчиња, но приносот ќе биде намален, додаде Каров. Бидејќи инсектот е распространет на огромни површини, стравува дека годинашната реколата ќе биде и за 60 % помала од минатогодишната. Решение за догодина е прскање со соодветни инсектициди уште во раната фаза од вегетацијата.

Преземено од: Сител – Трајан Ристовски