Позицијата на младите на пазарот на трудот

  • Пишува: Кристијан Димков – член на Црвена Младина

Последниве проблеми на студентите во високото образование, во однос на фамозниот т.н студентски стандард, полека, но сигурно стануваат празна флоскула во дискурсот на политичарите. Сите тие проблеми се валидни и реални,, особено проблемот со студентските домови кои се здравје-нарушувачки. Но, постои уште еден проблем кој е универзален и многу голем и ги засега сите студенти, а тоа е положбата на младите на „пазарот на трудот“. Односно, според МИА само 12% од лицата со завршено високо образование работат по струка. Имајќи го во предвид државниот пристап на вработување кој е развиен во традиционална вредност на болново општество, прашање е колку од тие 12% се вработени по партиска или непотистичка линија.

Во Република Македонија минималната старостна граница што една личност мора да ја има за да заснова работен однос е 14 години, под услов да работи во не морално компромитирачкo работно место. Но, овие лица кои се под 18-19 години и работат се реткост во нашава држава (и во западниот свет) и затоа нема да бидат тема на дискусија на оваа колумна.

Јас ги анализирав најпопуларните сајтови кои се огласници за работни места во Македонија (Vrabotuvanje.com, Vraboti.se, и m.najdirabota.com.mk) и дојдов до следниве сознанија за работните места кои се нудат особено на младата популација, лимитираноста на работните места кои се нудат како и други проблеми со нив.

Во Македонија, на овие сајтови генерално се нудат следните работни места:

-продавач во супермаркет

-вработен во казино/обложувалница (5000 луѓе работат само во обложувалници)

-огромен број на огласи за келнери/шанкери

-возач на камион/дистрибутер

-магационер

-вработен во кал центар

-обезбедување/чувар/портир/редар (истото е)

Понекогаш може да се најде оглас и за некоја друга работна позиција но овие работни места да се каже дека доминираат врз овие сајтови би било потценување на состојбата.

Краток опис на работните места:

Продавач во супермаркет зема плата од околу 18-20.000 денари (според огласите кои кажуваа колку плата даваат) додека секако работиш повеќе работни места од еднаш, каса, редење роба, примање роба во магацин итн.

Вработените во казино земаат околу 23.000+ денари, но тука доаѓа проблемот дека работиш во казино, а на сите им е јасно какви лица постојано посетуваат казина. (константни тепачки и сл), во обложувалниците минимална плата (со некојси бонуси) плус фактот што работното место е de facto три работни места во едно, куцаш лифчиња, го чистиш објектот и си келнер ако некој побара пијалок.

Келнери/шанкери според огласите заработуваа околу 18.000 денари, но знам дека голем дел од парите им доаѓаат од бакшиши така да точната бројка не е позната.

Возачи на камиони земаат зависно од турата но исто така работат повеќе работни места одеднаш (и се возачи на камиони и прават растовар на робата со виљушкари и слично, како и фактот што буквално треба да ги знаат сите градови во Македонија за да знаат каде да ја однесат робата. Исто така возач на камион е најопасната работа, ако се земат во предвид бројот на смртни случаи годишно.

Магационер – утовар растовар како што се очекува како и носење на роба каде што е потребно платата е секако околу 20.000.

Кал центар, платата многу зависи од тоа за каков кал центар станува збор (ако станува збор за македонски кал центар кој работи преку ден платата е 18-20.000 денари ако е странски кал центар платата е околу 25.000 денари, но секако работата се извршува навечер, во некои места исклучиво трета смена).

Обезбедување/чувар/портир – работата е таа независно како се вика работната позиција, плата не е поголема од минимална плата  работата се движи од едноставно седење на капија до потрчко на сите во компанијата и други слични работи. Главно задолжение е да ѕвонат на полиција/пожарна доколку се случи нешто сериозно на објектот.

Проблеми со работните места:

Нема голем избор при работни места односно луѓе имаат многу мал избор на работно место и согласно со тоа, помала шанса работата да се допаѓа и да се задоволни и исполнети во работата.

Сите овие работни места кои се достапни за „обичните смртници“ се ниско платени.

И според мене можеби најбитното за кое луѓе не говорат кога станува збор за иселувањето на младите од земјава е дека сите работни места се т.н dead end работни места. Односно освен позицијата во која си се вработил, не можеш вертикално да напредуваш во хиерархијата на компанијата, и согласно со тоа е оневозможено вертикално напредување во општествената стратификација.

Согласно ова, проблемите на студентите не се само судирот со суровиот  начин на живот во студентските домови каде преживувањето со минимална парична помош е најголемиот предизвик, туку и одговорот на прашањето како да се вработам наредниот ден откако ќе дипломирам и дали работното место ми гарантира заработувачка доволна за бегство од сиромаштија.