Денес ќе се оддржи јавна презентација на контроверзниот ДУП за „бетонизација“ на Лисиче

Денес со почеток во 17 часот во ОУ Димитар Македонски ќе се одржи јавна презентација на катастрофалната втора верзија на предлог ДУП-от за градска четврт ЈИ О9 01 за Населба Лисиче“, соопштија од иницијативата „Да го зачуваме лисиче“.

Граѓаните претходно неколкупати излегоа на протести против спорниот ДУП, кој се обидува да го протурка Градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски. Протестите беа одржани под мотото „Стоп за урбаната мафија – Не сакаме згради во Лисиче“

Според новиот Детален урбанистички план ЈИ09 блок 09.01 во населбата Лисиче се предвидуваат маркички за девет згради. Долж булеварот Србија на просторот каде сега нема објекти туку само еден автоплац за продажба на коли, има маркички за четири големи згради. Три се осумкатници со приземје, 6 ката и поткровје, а зградата на ќошот меѓу булевар Србија и улицата 12. Македонска бригада е 12-катници со приземје, 10 ката и поткровје. Пет згради се предвидени и долж улицата 12. Македонска бригада, со што на сопствениците на куќите на овој потег им се дозволува да можат да градат згради од приземје, 4 ката и поткровје.

Парцелата каде ќе се гради 12-катницата е со сопственост на Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, газди на градежната фирма „Голден арт“. Тие лани во мај купуваат нива на булевар Србија и кратко време по тоа Општина Аеродром на таа нива црта маркичка за 12-катница.

Од иницијативата „Да го зачуваме лисиче“ ги повикаа граѓаните и медиумите да присуствуваат на јавната презентација и го искажат револтот од бетонизацијата која сакаат да им ја наметнат во нивната анселба.

„Ги повикуваме сите медиуми и борци против градежната мафија да присуствуваат и заедно со нас да ги прашаат надлежните во Општина Аеродром која е потребата од ЗГРАДИ во ЛИСИЧЕ?“