Сековска: Земјоделскиот сектор е жртва на партизација и распродажба

Благица Сековска е Проф. на катедрата за Рурална економија при Факултет за ветеринарна медицина и активист за зачувување на животната средина. Со неа накратко поразговаравме околу земјоделството, актуелните фотоволтаици кои се почесто се градат на земјоделските површини низ Македонија и последиците од истите.

  • Најавена е изградба на фотоволтаична централа на обработлива земјоделска површина во Свети Николе од странски инвеститори. Како ќе влијае ова на земјоделците од регионот?

За жал, во Македонија отсуствува конзистентна аграрна политика и долгорочна стратегија во земјоделството, бидејќи и овој сектор е жртва на партизација и носење на ад хок решенија во интерес на добивање ситни политички поени. Исто така, тука е и трендот на тотална распродажба на се што е државен имот, со цел задоволување на апетитите на олигархијата, блиска до владеачките елити во дадениот момент. Сето тоа се прави без план и програма, а уште помалку без визија за иднината на државата. Земјоделството не е исклучок од таквиот “каубојски“ пристап на општа распродажба, а сето тоа е на штета на граѓаните, а особено на штета на идните генерации. Регионот на Св. Николе, познатото Овчеполие не е исклучок од последиците на долгогодишните штетни политики во делот на земјоделството. Овој регион веќе долго време се соочува со проблеми како што се иселување на младите, негативен прираст на населението, проблеми со водоснабдувањето поради неодговорен однос на одговорните кон одржување и надградување на хидросистемот и сл. Еве сега на ред дојде и пренамена на квалитетно земјоделско земјиште во градежно со изградбата на се попопуларните фотоволтаични централи.

Со овие штетни одлуки загубите ќе бидат повеќекратни. Најнапред со уништување на бонитетот на квалитетното овчеполско земјиште преку пренамена и изведување на градежни работи на истото како најдиректна штетна последица. Но она што долгорочно е уште позагрижувачки е празнењето на селата преку трајно иселување на младите и губењето на традицијата и знаењето know-how за бавење со земјоделство. Потоа, тоа што инвеститорите се странски само ќе ја зголеми енергетската сиромаштија и ќе ја зголеми енергетската зависност на Македонија. Секоја држава која држи до себе мора да се грижи за развој на енергетика, храна , вода и комуникации, вклучително и инфраструктура. За жал, недомаќинското работење и отсуството на секаква визија за иднината од страна на актуелните политички елити ќе доведе до уште поголеми миграции од овој регион, како и пораст на сиромаштијата, особено на руралната сиромаштија. Ваков тип на проект не нуди развој и нови вработувања на регионот, ами само нанесува штета на земјоделците. Жалосно е што вака крупни одлуки се носат без сериозни анализи и физибилити студии, но како што реков ад хок решенијата мотивирани од исклучиво лукративни причини веќе станаа заштитен знак на оваа влада.

  • На кое земјиште, односно од која класа, треба да се градат ваквите фотоволтаици?

Во Македонија постои педолошка карта на почвата, изработена од соодветни институции, но се сомневам дека властодршците ги носат своите одлуки врз основа на податоците од таа карта.  Земјоделското земјиште, особено она со висок бонитет (од прва до четврта класа) не би смеело да се пренаменува во градежно во никој случај. Дури и она кое што е со понизок бонитет, но е рамно, како во случај на Овчеполието, и има пристап до вода не би смеело да се пренаменува, бидејќи со соодветни агротехнички мерки може да се подобри квалитетот на почвата. Во таков случај би имало простор и за фотволтаици, но на повисоки, ридести делови на земјата каде има висока инсолација. За жал, одлуките кои имаат далекосежни последици се носат без соодветни мултифакторски анализи.

  • Зошто квалитетните обработливи површини се претвораат во градежни?

За да имаме релевантна анализа и да изведеме добри заклучоци мораме работите да ги ставиме во поширок контекст на она што се случува во светот и за она што го имаме кај нас. Светот се наоѓа пред големи глобални промени. Соочени сме со климатски промени, со големи миграциски движења, со пандемија која веќе не соочи со многу несовршености во системот во кој живееме. Во една таква надоаѓачка иднина храната и водата ќе бидат нешто многу скапоцено. Од друга страна пак, обработливото земјиште е лимитирано, а особено е лимитирано плодното земјоделско земјиште. Затоа, тоа (земјиштето) заедно со водата и шумите, треба да се третира како  стратешки имот и многу домаќински да се стопанисува со истото. За да се даде одговор на прашањето кој и каков модел е најсоодветен, неопходна е сериозна анализа, со предвидување на идни промени, земање предвид на сите ризик фактори и воспоставување на соодветен модел. За жал, во нашава држава анализите и сериозниот стратешки приод отсуствуваат, но профитот за мал број на луѓе и брзото стигање до него (искористувањето на моментот и ситуацијата) се главни критериуми во “планирањето“.

Како резултат на таквиот пристап, во кој главни водечки сили на политичките елите беа себичност и алчност, во Македонија во изминатите 30 години се случи тотално осиромашување на граѓаните и ненормално богатење на неколкумина. Последователните влади составени во најголем број од комбинација на трите партии ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не доведоа во ситуација да сме меѓу најсиромашните три држави во Европа. Исто така и корупција го зема својот данок (факт е дека во сите овие години сме во топ три земји во Европа според нивото на корупција). Да не говориме пак за тоа што теренот кај нас е пред се ридско-планински со исклучок на котлините, а во неколку големи региони на места кај што би очекувале да имаме земјоделско земиште имаме ерозија на почвата (пак како резултат на негрижа и нестратешки пристап). Значи имаме малку расположиво земјоделско земјиште од прва категорија споредено со некои други земји. Сите овие факти, делуваат многу загрижувачки и создаваат страв за иднината. И на сите тие факти се надоврзува и неодговорниот однос на владата кон земјиштето како ограничен ресурс и неговата лесна пренамена во градежно. Зошто тоа се прави?? Немам разумен одговор, освен оној колоквиален, да се задоволат барањата на т.н. градежна, а во поново време и енергетска мафија.

  • Во споредба со другите држави, колку нашиот Закон за земјоделско земјиште функционира во пракса и дали го заштитува земјоделското земјиште како ограничен природен ресурс?

Не знам многу детали за законодавствата во другите земји, но еве на пример во Хрватска е забранета пренамена на земјоделско земјиште во градежно и тоа се прави по многу строги исклучоци и анализи. Македонија теоретски има некои клаузули за заштита, но како и многу закони една е теоријата, а сосема друга е праксата. Колку нашиот однос како држава кон земјоделското земјиште е неодговорен говори и фактот што имаше предлог закон за земјоделско земјиште кој беше многу контроверзен и предизвика многу полемики во академската и стручната јавност, па истиот беше привремено (на неодреден период) повлечен. Имено, стануваше збор за продажба на земјиштето на странски инвеститори. Што е земјата во смисла на држава, ако таа не ја поседува својата земја?? Дали државноста значи само систем или и поседување на своето парче земја?? Светов во кој полека осамнуваме има многу (не)вредности, така да многу логични прашања стануваат незначајни. За жал, кога тогаш, народски да се изразам, ѓаволот ќе дојде по своето, па последиците од денешните неодговорни одлуки ќе ги сносиме сите, а особено младите генерации. Капитализмот, односно неолибералниот империјализам, не гази и ни го одзема се она што било разбирливо и непишано правило. Постепено се движиме кон апсурд во сите сфери на живеењето, само со една цел, профит – што повисок за што помала елита.

  • Дали ваквата пракса на распродажбата на земјоделските површини може да доведе до целосно уништување на земјоделието во Македонија?

Ваквата пракса е спорна и загрижувачка и може да има повеќеслојни закани и последици. Имено, заканите може да ги поделиме на 3 групи и тоа економски, еколошки и социјално-политички. Економските последици можат да бидат пораст на цените на храна, промена на производната структура во земјоделството, пренамената на земјоделското земјиште во градежно и дополнително осиромашување на населението, особено на руралното население. Еколошките може да бидат сеча на шуми и дополнително зголемување на загадувањето во земјава, девастација на земјиштето, поголема изложеност на регионот на последиците од климатските промени како и ограничен пристап или неможност за пристап на оттуѓените површини. Социјално политичките може да бидат во нарушување на етничката, културната и социјалната слика во руралните заедници. За жал појавите на распродажба на земјиште стануваат тренд во светот, каде се купуваат огромни површини на земја. Оваа појава доби и свое име, многу неславно, но многу реално…се нарекува ‘land grabbing’ или грабање на земја. Ова име се користи за да се опише купување или на друг начин добивање на земја, на плодна земја, од јавни или приватни субјекти. Значи светските искуства, од кои може да учиме, веќе имаат негативни искуства со такви капиталистички предатори и грабачи на земја, како и сите негативности кои можат да произлезат од истото.

Значи да резимираме, земјоделското земјиште како основа за развој на земјоделство е значаен природен, но и стратешки ресурс на секоја земја бидејќи тоа, пред се, значи производство на храна. Ако една земја има свое производство на храна, тоа значи и одредена контрола врз стандардот на населението. Кога во една земја имаме многу мали фармери, тоа значи развиен пазар врз основа на понуда и побарувачка и цените се формираат врз основа на таа нормална понуда и побарувачка, односно со природни пазарни законитости. Доколку големи инвеститори, а особено странски инвеститори, поседуваат голем процент од земјоделското земјиште, тоа може да доведе до создавање на големи монополи за производство на храна или што е уште полошо, како во случајот со овчеполитето, тотална пренамена на земјоделското земјиште во градежно, па наместо храна, некој ќе произведува струја, која ние скапо ќе ја плаќаме, па штетате ќе биде двојна.Темава е многу комплексна и повеќеслојна и навистина е жално што стручната јавност недоволно, да не речам воопшто не е вклучена во оваа тема од животно значење. Инаку, да, ваквиот неодговорен однос кон земјоделството воопшто, со сите штетни постапки што постојано ги следиме доведува до постојано опаѓање на земјоделството, како и интересот за истото. Последиците веќе ги чувствуваме со тоа што плаќаме скапа храна,а за жал уште повеќе ќе ги чувствуваме во иднина.