Венецуела спроведува дедоларизација – Воведени руски платежни картички МИР

Системот за платежни картички МИР (свет) беше официјално воспоставен во 2017 година од Централната банка на Русија. МИР картичките беа создадени за да се заобиколат проблемите со користењето на Mastercard и Visa картичките, кои престанаа да функционираат во Русија во 2014 година, во согласност со санкциите што беа воспоставени по присоединувањето на Крим.

Во моментов, повеќе од 100 руски банки активно користат МИР картички, но тие се користат и во други земји: Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Ерменија, Абхазија, Јужна Осетија, Египет и Куба без никаков проблеми. Додека пак во Турција овие картички почнаа да се користат во хотели кои соработуваат со руски тур-оператори. Од пред некој ден МИР картичките ги воведе и банка во Виетнам.

Неодамна Владата на Венецуела најави дека ќе воведе руска платежна картичка, а главна цел на оваа мерка е земјата активно да се бори против доларизацијата, која е стратешки, но и економски важна за јужноамериканската нација. Со овој чекор директно ќе се поврзат руските и венецуелските банки. Претседателот на Централната банка на Венецуела рече дека краткорочната цел е најмалку 30% од терминалите во земјата да бидат компатибилни со системот на картички МИР.

Директното одвојување од доминантниот светски финансиски систем SWIFT беше објавено на почетокот на 2023 година, кога Министерот за надворешни работи на Русија – Сергеј Лавров, беше во посета на Венецуела и најави дека во тек е развој на систем кој ќе и парира на мрежата SWIFT.

Интересно е што марксистичкиот теоретичар Самир Амин најави вакви стратегии за земјите од Третиот свет, кога рече дека тие „мора да го искусат процесот на отцепување од светскиот капиталистички систем ако сакаат вистински развој“:

Стратегијата на Амин за „кршење“ и „социјалистичка традиција“ ги предлага следниве три главни чекоrи:

-прво, проширувањето на капиталот и глобализацијата предводени од капитализмот создадоа светски систем на „развој и неразвиеност“, што и овозможува на глобализацијата да го одржува нерамномерен развој и нееднаквост во светот;

-второ, за спречување на ова е потребно раскинување со капиталистичкиот центар и преминувањето во социјализам преку оптималниот развоен пат за периферијата – земјите од Третиот свет;

-трето, должност на социјализмот е да создаде алтернативна програма за глобализација, која мора да биде хумана и интернационалистичка и затоа да обезбеди простор за самостоен напредок на народите од Третиот свет.

Оваа стратегија во три чекори има за цел да ги искорени сиромаштијата и нееднаквоста на револуционерен начин, за да можат сите луѓе во светот да живеат во хармонија без доминација на империјалистичкиот центар.

Претседателот на Венецуела – Николас Мадуро изјави дека интеграцијата во системот МИР е „дел од стратегијата за изградба на нови светски финансиски и монетарни системи, одвоени од Западните санкции и влијанието на американскиот долар“. Тој додаде дека Русија и Венецуела ќе продолжат да развиваат систем што ќе претставува алтернатива на SWIFT.