Димитријевиќ: Работењето по 12 часа е ропство

  • „Работењето по 12 часа е ропство, бидејќи освен одење на работа и спиење, работникот нема да има време за себе и за своето семејство“, – вели координаторот на Трудовиот сектор на Левица, Александар Димитријевиќ, во интервју за порталот „Работник“.

Димитријевиќ вели, дека дефицитот на компаниите од работна сила се решава со зголемување на бројот на вработените, а не со зголемување на нивното работно време..

Работниот однос е траен однос во кој работникот создава своја професија или свое занимање коешто треба да му трае низ целиот професионален век, се до негово пензионирање. Кога работникот решава да се занимава со одредена професија, сигурно не планира да работи прекувремено, да си го оштети здравјето и да си го намали работниот век или по завршувањето на професионалната кариера да падне болен. И во самиот Закон за работни односи е нормирано кога може да се работи прекувремено. Ако работниот процес налага работниците да работат прекувремено, секојдневно, тоа значи дека компанијата има дефицит на работници, а тоа пак значи дека треба да се ангажираат дополнителни работници.

Според него работниот ден кој го изгласа владејачкото мнозинство во Собранието, сериозно го загрозува здравјето на работниците, негативно влијае на нивниот семеен живот како и го зголемува ризикот од скратување на работоспособноста на работникот.

„Секогаш кога се работи прекувремено треба да се извести Државниот инспекторат за труд, за инспекторите да утврдат дали прекувремената работа е штетна за луѓето. Ние ги имаме веќе тие норми со кои работникот е заштитен, но и покрај тоа, не се почитува делот околу известувањето на ДИТ од страна на јавните претпријатија. Инаку, прекувремената работа е најголема причина за нарушување на здравјето на работното место, а и го нарушува балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот.“

На крај Координаторот на Левица заклучи дека ваквото работно време е еднакво на робство.

„Работењето по 12 часа е ропство, бидејќи освен одење на работа и спиење, работникот нема да има време за себе и за своето семејство.“