Првото скопско издание на ФИЈУК- саемот на независни издавачи

На 20-ти мај (сабота) со почеток  од 14 до 21 часот во дворот на Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје ке се одржи ФИЈУК Македонија -саемот на независни издавачи.

Што е ФИЈУК саем?

ФИЈУК САЕМ е настан инициран од колективот Матријаршија во Белград, со цел да собере на едно место што поголем број на мали издавачи кои се бават со уметничка продукција, со цел нивно поврзување, вмрежување и поголема видливост. Истиот се шири во овој формат и под ова име и во Хрватска, Шведска, Словенија со повремени настани кои привлекуваат значителен број на публика и е секогаш поддржан со музичка програма.
ФИЈУК саемот го задржува својот специфичен идентитет со една единствена цел, да презентира нови возбудливи изданија и да овозможи нивен понатамошен живот. Досега е одржуван три пати на БОШ Фестивал, а со неговото прво издание во Скопје, го најавуваме 15-тото издание на фестивалот кој ќе се одржи оваа година од 18ти до 20 август во Гевгелија.

Фијук е место на нови идеи, реализирани во различни материјални форми, графики, плакати, постери, музика, мапи, арт книги, фотографии или монотипии. Фијук е простор за средби, размени, разговори, љубови и симпатии, каде ќе го најдете она парче среќа што долго го баравте.
Почувствувајте го пулсот на локалната независна уметничка сцена, поддржете го истот со допир, насмевка, критика или најдобро купете си дело и овозможете понатамошен крвтоток на жилавата алтернативна сцена.

На ФИЈУК саемот ќе учествуваат 20 тина излагачи.

Саемот ке биде отворен со три мини соло изложби и работилница за печатење колаграфија почувајки од 16ч до 18 часот со Алиса Лаурешес и Ана Трајковска.

Саемот ќе се затвори со отворена музичка џем сесија на Гола Планина Колектив, најавена од 19:30 до 21 часот.

Изложбата на Алиса Лаурешес се вика „Дали сте виделе мечка?“.

„По патеките околу Папрадиште, се чувствуваше дека мечката е близу, но сепак не ја видовме. Посакувана или страшна средба, прашањето останува неодговорено. Во овие пролетни пејсажи се исцртани хоризонтите на планините од областа Азот, преку единствен и неповторлив процес на печатење помеѓу ремек дело или грешка. Боите се сретнуваат во серија на монотипии во сито печат каде на крајот, најверојатно, ќе ја сретнете мечката“, стои во соопштението за изложбата.

Марта Патлиџанковска ќе се претстави со „Уживање“.

„Уметница која се изразува преку ликовната уметност и различните методи на сликање. Со истражување на сликарството и начинот на сликање, нејзината интензивна палета на бои ги претвора белите неоптегнати платна во егзотични слики со експресивни потези, различни структури и јарки бои. Прикажувајќи ја енергијата и емоциите преку портрети, пејзажи или мртва природа, Марта не носи во еден сосема поинаков игри и шарен свет, каков одамна не сме виделе околу себе“.

Владимир Муратовски, пак, ќе ја изложува „Карикатури“. „Владимир Муратовски, урбана скопска легенда, добро познат на сцената како поет, колекционер на плочи, хроничар и композитор и на музика во бендот „Електрокултура“, овој пат ни го претставува неговиот визуелен израз преку 23 цртежи на карикатури со фломастер. Карикатурите се најчесто измислени ликови од музичкиот свет каде Владимир несомнено најдобро плива односно само 3 цртежи се инсипирирани од музички ѕвезди. Музичари нацртани во моменти на сцената, или зад неа, но секогаш во длабока врска со музиката и нејзината енергија“, се вели во најавата.