Здрава Котлина: Извинување за крајот на Еуромакс

Во целост го пренесуваме соопштението на иницијативата „Здрава Котлина”.

Почитувани граѓани,

Ве известуваме дека Еуромакс Ресурси во момент на немоќ и уништена пропаганда започна со закани и тужби против наши активисти, притоа користејќи го Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, побара од одредени поединци да се извинат за наводните паушалните и манипулативни изјави кои ниту се поткрепени со факти ниту со експертско мислење и со цел населението да биде запознаено со вистинските информации и факти за проектот.Веднаш да кажеме дека извинувања нема да добиете, освен презир и сарказам, оти друго и не заслужувате. Намерните таргетирања на активистити е со позадинска цел да бидат замолчени и заплашени, но она што навистина направивте е со обратен ефект. Поддршка, од секаков аспект, стигнува од сите страни и граѓаните се повеќе мотивирани и обединети да расчистат со вас еднаш и засекогаш. Треба да знаете дека од денес натаму, нема да имате мир, а уште помалку некаква вредност во очите на народот.

Вие – несудени профитери од Еуромакс, вие сте толку заглавени и раштркани во лагите и манипулациите, што судењата ќе бидат пекол за вас и воедно на нас ќе ни’ овозможат значајна медиумска покриеност, како подготовка пред да се покренат други позначајни процеси во и надвор од државата со незгодни документи, сведоци, свиркачи и меѓународни истраги. Еуромакс тврдат, дека нашите активисти биле проблем за реномето и вредноста на нивните акции на берзата во Торонто. Вие, што ги лажете инвеститорите дека се’ е во ред а всушност го чекавте последниот рок за барање за дозвола и поднесовте некомплетни документи? Па и ден денес не ви се комплетни документите, иако касните две и пол години според законскиот рок за издавање дозвола. 

Мораме да кажеме дека треба да се погледнат во огледало и да разберат самите со себе дека фактот што не се реализираат нивните планови едноставно е поради нивните сопствени активности и неспособни манипулации, недоволни финансии, обиди за изигрување на законите. Сето ова беше прочитано од граѓаните и затоа е овој масовен отпор што со секој ден само се зголемува. Зошто не им покажете на граѓаните што точно би се случило и какви ефекти би имало доколку потенцијалната брана крахира како бројни примери во светот? Или тоа прашање не е вредно за вас и вашите акционери? Прочитани сте и затоа сте отфрлени со никаква поддршка! Посебно ни’ е мило што во меѓувреме Еуромакс Ресурси аплицирале за условен банкрот во Канада и се спремаат утре да го продадат контролниот пакет акции на злогласната Трафигура под одредени услови и повторно чудни практики. Имено, признаваат дека се пред банкрот и со без свикување на собрание на акционери ќе продадат над 51% од уделите во Еуромакс на Трафигура и дека поради тоа најверојатно ќе бидат избришани од берзата во Торонто. Интересно е како тоа некој за 9 милиони долари купува наводно проект од над 5 милијарди евра (односно ветар и магла поради истечена концесија). 

Замислете дека уште не сме почнале да пишуваме на англиски јазик и до интересни меѓународни организации. Затоа, со оваа ваша лакрдија ни’ дадовте нов импулс и мотивација да го почнеме и овој меѓународен дел што досега недостасуваше. За почеток, ќе ви ги најавиме активности од типот на Report corruption to the RCMP зачинето со Corruption of Foreign Public Officials Act со сочни документи и сведоци за вашето делување во Македонија, а е поврзано со бивши и сегашни политички и државни службеници кои нема да имаат мирен сон во иднина. Здрава Котлина ќе продолжи да ги користи сите правни и човечки механизми за да спречи ментално и физичко труење на граѓаните од Еуромакс кои шират дезинформации, манипулации, лажни вести и активно ќе биде присутна насекаде каде и да се тие. Нема да ве спасат ниту платеници, ниту платен ПР, ниту корумпирани функционери. Вистината е една и неумолива, а таа гласи дека овде сте непожелни и одете си со време пред да биде прекасно!

По ниедна цена нема да дозволиме да се отвори рудник на смртта над Иловица и Штука и тука нема и нема да има никаков компромис!Благодариме на сите луѓе за поддршката на нашите активисти, кои стоички издржаа на овој ваш притисок и обид за замолчување. И ги охрабруваме дека, само доколку се држиме СПЛОТЕНИ ЗАЕДНО, ќе успееме да го сопреме проклетиот проект и ќе се спасиме од ова зло!

#ДАгоСОПРЕМЕпредДАнеСОТРЕ!
#СТОПзаРУДНИКОТнаСМРТТАиловицаШТУКА!!!