Медицински факултет во Гостивар – Штанцање дипломи или квалитетен медицински кадар?

  • Главно прашање е каков медицински кадар се продуцира од овие приватни универзитети? Се отвара ли проблем со хиперпродукција на неквалитетни медицински кадри? – И, дали зголемениот број на приватни универзитети, влијае на падот на квалитетот на образованите и служи само за правење бизнис на олигархијата и штанцање на дипломи за децата на богатите кои можат да си дозволат да платат „учење“ на овие универзитети?

И додека хиперпродукција на медицински кадар во последниве две години ја тресе земјава, експресно пред десетина дена стигна и најава за отворање четврти медицински факултет во Гостивар.

Овој феномен се надградува со неодамнешното давање дозвола за основање Факултет за здравствени науки при Приватната високообразовна установа Меѓународен универзитет „Визион“ Гостивар. Одлуката на владата е објавена на 8 јуни во Службен весник на РМ.

Според податоците од Централниот регистар, како сопственик на приватниот универзитет е Фондацијата за наука култура и уметност Шарвардар Гостивар, додека, пак, како управител фигурира Џан Ахмет Веџди, кој во моментот е и ректор на универзитетот.

Овој приватен универзитет веќе 8 години работи со акредитација од страна на одборот за акредитација и евалуација на високото образование, за вршење настава на македонски, англиски и на турски јазик.

Универзитетот има шест факултети, Школа за докторски студии и докторска програма по клиничка психологија и два институти. Ова ќе биде четвртиот факултет во државата, покрај тие во Скопје, Штип и во Тетово што ќе продуцираат здравствен кадар и втор факултет во мала концентрација на факултети на само 24 километри растојание меѓу двата града.

Ваквиот начин на „штанцање“ на медицински кадар наликува на дисперзираните студии речиси во секој град, за што зелено светло даде поранешниот премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Проектот почна, но со доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година, дел од нив беа укинати, но очигледно сега следи продолжување на ваквата политика, но само поинаку е спакувана.

Податоците од тој период покажуваат дека на дисперзираните студии не им пресудила одлуката на МОН, туку слабиот интерес за нив, несоодветните образовни услови и слабите резултати. Кога веќе на секој чекор се отвораат медицински факултети, тогаш останува да се одговори и главното прашање – што ќе значи во иднина тоа за пациентите, со оглед на тоа дека еден ден сите сме потенцијални пациенти?