Се бориме македонското малцинство во Бугарија да не биде преименувано во „северномакедонско“

Во одговор на писмо упатено на 21 јули 2021 г. од European Free Alliance – Европската слободна алијанса (ЕФА) до Европската комисија, за положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, на 3 ноември 2021 г. беше добиен одговор, во кој македонското малцинство во Бугарија беше преименувано во „северомакедонско“ малцинство и прашањето неосновано беше поставено во врска со договорот за добрососедство на Бугарија со Македонија, иако во случајов станува збор за негирани права на европски граѓани, соопштија од партијата на Македонци која е забранета во Бугарија, ОМО Илинден – Пирин.

ОМО „Илинден“ – ПИРИН и ЕФА реагирале на овој обид да се преименува македонското малцинство во Бугарија, уште повеќе што и други институции во Брисел покажаа слични тенденции, иако последните не толку отворено.

– На упатеното писмо со реакција од наша страна – не беше добиен одговор. Затоа ЕФА се обрати до Европскиот омбудсман и побара извинување од Европската комисија во името на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.

Последната реакција имаше ефект и на 16 јуни 2023 г. раководителот на Генералниот директорат за владеење на правото, фундаментални права и демократија во Европската комисија, Ингрид Беландер Тодино, упати официјално извинување, при што на двапати правилно – почитувајќи го правото на слобода на национална и етнокултурна самоопределба на етничките Македонци во Бугарија – ја именува нашата заедница како: „Macedonian minority in Bulgaria“. Ова е веројатно прв пат институција на Европската унија да го прифати и признае очигледниот факт на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, наспроти обидите на Бугарија да го негира нашето постоење, појаснија од ОМО Илиден – Пирин.

Од забранетата македонска партија велат дека ја продолжуваат и понатаму својата борба за признавање и непречено ползување на човековите и малцински права на Македонците во Бугарија.