Подигната биста на Јасер Арафат во НР Кина

Претседателот на Палестина, Махмуд Абас, присуствуваше на свеченото откривање на бистата на Јасер Арафат, покојниот палестински лидер, во дворот на Кинескиот музеј во Пекинг. Бистата беше откриена за време на посетата на Народна Република Кина, која се случи минатата недела кога Абас се сретна со претседателот Си Џинпинг, кој ја изрази својата поддршка за Палестина.

Абас побара поддршка за полноправно членство на Палестина во ООН, а двајцата претседатели разговараа и за продлабочување на соработката на други полиња.

Палестинскиот претседател го осуди и мешањето на западните земји во внатрешните работи на НР Кина, мислејќи на муслиманското население во провинцијата Ксинџијанг.

Од страна на НР Кина беше искажана подготвеност да им помогне на Палестинците да постигнат внатрешно помирување и да ги промовира мировните преговори со Израел.

„Фундаменталното решение за палестинското прашање лежи во формирањето на независна палестинска држава врз основа на границите од 1967 година со главен град источен Ерусалим“, рече Си, во изјавата за медиумите по средбата со палестинскиот лидер.

Јасер Арафат беше претседател на Палестинската ослободителна организација (1969–2004), претседател на Палестинската самоуправа (1993–2004) и еден од добитниците на Нобеловата награда за мир во 1994 година. За Палестинците Арафат е еден од најголемите херои и државници.