АктуелноЕУЛокално

Целосен текст на резолуцијата која ја поднесе Левица за продолжување на евроинтеграциските процеси

Во петокот, пратениците на Левица, во Собранието на Република Македонија поднесоа ПРЕДЛОГ- РЕЗОЛУЦИЈА за продолжување на евроинтеграциските процеси и за признавање и афирмација на јазикот, културата и суверенитетот на СР Германија. Оваа Резолуција се предлага на Собранието на РМ како резултат на Резолуцијата на германскиот Бундестаг (јуни 2023), со цел да се укаже на реалната состојба, проблемите и мерките што треба да се преземат по однос на интеграциската политика кон Европската унија од страна на македонската Влада, како и официјално да ги признае германскиот јазик и идентитет како и суверенитетот – со што ќе се заблагодари и реципрочно ќе возврати на Сојузна Република Германија за „признавањето“ на македонскиот јазик и идентитет, без споменување на зборот Македонци во нормативниот текстот на самата Резолуција, донесена неодамна од страна на германскиот Бундестаг. Во прилог ви го пренесуваме целосниот текст од резолуцијата:

ПРЕДЛОГ-РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ЕВРОИНТЕГРАЦИСКИТЕ ПРОЦЕСИ И ЗА ПРИЗНАВАЊЕ И АФИРМАЦИЈА НА ЈАЗИКОТ, КУЛТУРАТА И СУВЕРЕНИТЕТОТ НА СОЈУЗНА РЕПУБЛИКА ГЕРМАНИЈА

I. Собранието на Република Македонија наведува дека 2023 година е турбулентна година за европската иднина и суверенитет, а Сојузна Република Германија е водечката сила на тој пат. Република Македонија верува дека СР Германија цврсто и одлучно ќе застане во одбрана на интересите на континентална Европа и решително ќе се спротивстави на одлуките кои ги загрозуваат овие интереси и го разбиваат европското единство.

Иако во текот на Втората светска војна (1939-1945), Германија, заедно со Италија, при окупацијата на Кралска Југославија во првата половина од месец април, ја окупира и територијата на денешна Македонија – потоа, на 16 април 1941, контролата врз овие делови и ја препушта токму на фашистичка Бугарија, од кога и започнува бугарската окупација на Македонија. Денеска, Република Македонија и СР Германија, во духот на пријателството, имаат воспоставено развиени дипломатски и перспективни економски односи. По осамостојувањето на Македонија и почетокот на криминалната транзиција во деведесеттите години, СР Германија разви за себе исклучително корисни односи со Република Македонија и преку наметнувањето на неолибералниот капиталистички систем, овозможи нејзините корпорации првично да го пренаменат или откупуваат капиталот создаден во социјалистичкиот систем на управување на тогашна СДР Југославија, за подоцна – преку т.н. странски инвестиции – да ги прошират своите индустриски капацитети и финансиски капитал во Македонија, каде непрекинато се искористуваат нејзините материјални и човечки ресурси.  Дополнително, од аспект на современите перспективи на македонско-германските односи, најкарактеристични и најинтензивни се односите на Германија со македонските стручни (посебно медицински) и општи работници, кои се образуваат, оспособуваат и остручуваат во Македонија и македонските универзитети и државни капацитети, за потоа масовно да емигрираат како спремна работна сила во различните индустрии на СР Германија.

СР Германија е полноправна членка на ЕУ од 1 јануари 1958 година, го користи еврото како официјална валута од 1 јануари 1999 год., а дел е од Шенген зоната од 26 март 1995. Граѓаните на СР Германија во Македонија можат да влезат без виза и на неопределен временски период, што не е случај со граѓаните на Република Македонија кои имаат строго определен максимален период на престој во Германија (без право на засновење легален работен однос)! Поради ова, многумина од Македонија посегнуваат по барања за двојно државјанство (најчесто заради егзистенцијални причини и работа) од земја-членка на ЕУ (најчесто Бугарија), што подоцна се користи за креирање на вештачко бугарско малцинство во Република Македонија.

Европската унија (вклучително и СР Германија како нејзин интегрален дел и своевиден „европски мотор“), последниве две децении постојано ја уценуваше Македонија со различни барања за зачленување во ЕУ, коицелосно ја изгубија јасната ориентација во политиката на проширување предвидена со Копенхашките критериуми. Во последните години ваквата политика доживеа кулминација, а барањата кон Македонија надвор од реформските процеси и вршењето недипломатски и непристоен притисок за реализација на истите е сѐ поголем.

Договорот за добрососедство со Бугарија беше потпишан на 1 август 2017 година, а Договорот од Преспа со Грција, за одземање на природното право за самоопределување на еден народ беше склучен  на 17 јуни 2018 година. Двата договора беа потпишани со силен надворешен притисок од земјите членки на ЕУ, вклучувајки ја и СР Германија, со што беше погазена демократијата и народната волја искажана на референдум! На 27 март 2020 година, по присилно променетото уставно име на државата, Македонија се приклучи кон империјалистичката и воена алијанса НАТО (Организацијата на Северноатланскиот договор). По ова, примарна надворешно-политичка цел на Македонија се наметна пристапот на земјата во ЕУ, цел која досега ја злоупотребуваа Грција и Бугарија, заради остварување на сопствените национал-шовинистички интереси на наша штета, поради што Македонија оваа одлука во иднина ќе мора да ја преиспита, особено во светлото на новата геополитичка реалност и раѓањето на Новиот мултиполарен свет.

Залагањето за стриктно почитување единствено на Копенхашките критериуми при процесот на проширување на ЕУ од страна на СР Германија, како водечка земја-членка на Унијата, е од исклучителна важност за заедништвото на европските земји. Тоа овозможува ефектите од проширувањето на ЕУ, од симболичен чин, да бидат суштински акт во воспоставувањето на взаемно-корисна соработка и единство на европските земји. СР Германија, и покрај тоа што е мултиетничко и мултикултурно општество, сепак таквите јазични и културни разновидности не се практикуваат во програмите и работата на нејзините централни институции или во образовниот систем. Оттука, со оглед на пофалните зборови за консоцијалниот модел на Република Македонија, очекуваме и препорачуваме, СР Германија во најскоро време, по примерот на нашата Република, да го воспостави овој модел на владеење. Притоа, поучени од нашето искуство, спремни сме да помогнеме во спречувањето на негативните појави од имплементацијата и практикувањето на овој модел на демократија, како што се недоволната рационалност, неефикасност, исклучувањето на меритократијата, дезинтегративност до степен на сепаратизам, појавата на миноритаризам и на крај ризикот од појава на „либанизација“ и „бејрутизација“, како последица на непостоењето на еден основен гравитациски центар кој би бил заштитник и преносител на општиот заеднички интерес на различните бројни сегменти во општеството. Сепак, и покрај ова, Собранието на Република Македонија ги признава германската култура, јазик и идентитет и го поздравува нејзиниот политичко-административен модел, каде германскиот јазик, култура и вредности се единствени официјални обележја и предмет на промоција и унапредување на националните институции на СР Германија. Сакаме да напоменеме дека колективните права на турското малцинство во Германија сè уште се на мошне ниско институционално ниво!

Собранието на Република Македонија бара итен и безусловен прекин на притисоците и уцените кон Република Македонија од страна на ЕУ, особено по прашањата за националниот идентитет, историјата, културата, јазикот и самоопределувањето – што е клучно за идниот успех на пристапниот процес. Потпишувањето на квислиншкиот т.н. Преспански договор, со кој, освен што се ускрати правото на самоопределување и самоименување на еден народ, се фалсификуваше и историјата, но и фактичката состојба на теренот – беше постигнато со огромни притисоци и закани за дестабилизација директно од САД, но и од земјите-членки на ЕУ, и истиот ја истакна империјалистичката моќ на колективниот Запад да го одземе суверенитетот на една држава и народ во име на отворање на преговорите со ЕУ –  кое подоцна се испостави како голема шарена лага и никогаш не се случи. По ветото ставено од Франција, тоа ги отвори апетитите на Бугарија, па на ист начин Република Македонија сега е уценувана по претходниот несакнкциониран преседан од Грција – за којшто имавме и пресуда на Меѓународниот суд на правдата (Хаг) при ООН во наша полза.

Собранието на Република Македонија очекува СР Германија целосно да застане на страната на демократијата и да ги отфрли штетните и нелегитимни меѓународни договори потпишани спротивно на домашните закони и на искажаните резултати на референдумот и целосно да застане зад Копенхашките критериуми, отфрлајќи ги великобугарските барања, кои немаат никаков однос со европската регулатива. Очекуваме дека, поради билатерални прашања, инспирирано од опасните националистички и великодржавни идеи, Европската унија нема да го наруши својот кредибилитет и во име на европските интеграции да замижи пред загрозувањето на природното право на еден народ да постои и да се самоидентификува!

Собранието на Република Македонија гледа опасност процесот на проширување на ЕУ да застане поради нерационални билатерални спорови и националистички уцени и барања на соседните држави-членки на Унијата. И покрај ветувањето дека преговорите со Република Македонија ќе отпочнат по присилната промена на уставното име на државата, сè уште не е отворено ниту едно од преговарачките поглавја. Според наметнатиот „компромис“ на Европската комисија, летото 2022 година, понатамошните чекори кон интеграција одново бараат национални отстапки како откажување од сопствениот идентитет, јазик, историја (како и ревизија на славната, победничка и државотворна анти-фашистичка историја), па дури и признавање дека одредена нација почнала да постои од 1945 година!? Ова се небулози кои се надвор од здраворазумна политика и очекуваме да добиеме заштита, наместо притисок од СР Германија.

Собранието на Република Македонија смета дека треба да се направат сите напори за изнаоѓање на брзо решение за ослободување на ЕУ од прангите кои ги наметнуваат одредени земји членки  на политиката за проширување. Мекедонското собрание ќе ја поздрави секоја одлука на ЕУ, вклучително и СР Германија, во заштита на т.н. „европски вредности“ во кои нема место за спроведување на национал-шовинистички и негаторско-асимилаторски соседски политики.

Уште од самиот почеток, октроираната македонска Влада, по однос на прашањата поврзани со специјалната воена операција во Украина, целосно ги занемери интересите а и ставовите на сопствениот народ и, на огромна штета на државата, се обидува да ја прошири русофобијата како официјална надворешна политика на Македонија. Дека ваквите политики на моменталната нелегитимна власт, кои се спроведуваат по наредба на Брисел и Вашингтон, немаат нималку поддршка во народот, покажува и истражувањето на јавното мнение направено од страна на Институтот „Преспа“, кој и покрај тенденциозните обиди овие резултати да се прикажат како аномалија, неминовен е заклучокот дека постои огромен јаз помеѓу надворешно-политичкиот курс на Владата и расположението на мнозинскиот македонски народ.

Проширувањето на ЕУ не смее и не може да се гледа само како статешка геополитичка потреба на колективниот Запад. На Макеоднија и е потребен вистински и доверлив партнер за расчистување со длабоко вкоренетета висока корупција и криминал на сите досегашни владејачки гарнитури. Имено, Извештајот за земјата објавен од Европската комисија во октомври 2022 година, како дел од пакетот за проширување на ЕУ, сведочи дека Македонија во процесот на внатрешните реформи е во целосна стагнација! Реформите во чувствителните области, како што е борбата со корупцијата и зајакнувањето на довербата во судството, речиси и да не постојат. Назначувањето на носители на државни функции исклучително се развива по партиска линија, која на моменти е заменета со непотизам и кронизам. Борба со организираниот криминал е единствено можна само со истиснување на криминалните структури од државниот апарат, особено од редовите на мафијашко-терористичката УЧК/ДУИ, и нивна безусловна процесуализација преку целосно реформиран модел на независно судство.

За економската и социјална состојба, која е најлоша по процесот на криминална транзиција во 1990-те, и тогаш и сега се управувани од Влада формирана од истата политичка партија [антимакедонската СДСМ], и рекордната инфлација од 18.7%, единствено се одговорни лошите и сомнителни политики на актуелната Влада. Енергетската криза во Македонија, освен што беше злоупотребена од страна на владејачката гарнитура за политички поткуп преку испумпување буџетски пари во приватни џебови, ваквата состојба исто така грубо и неодговорно беше искористена од страна на енергетските компании за максимизирање на профитот – кои, патем речено,  грото потекнуваат од земјите членки на ЕУ. 80-те милиони евра кои ги вети Европската комисија за компензација на високите цени за енергија да бидат пренаменети за национализација на енергетскиот сектор, како трајно решение од идни злоупотреби и максимална сигурност на граѓаните од идни покачувања.

Во оваа тешка состојба, и Владата и опозициските партии во Македонија сносат голема одговорност за зачувување на националните и идентитетски интереси. Членство во ЕУ без државно име, јазик, идентитет, сопствена историја чија круна во создавањето на македонската држава е анти-фашистичката борба, е бесмислена. Во интерес на Германија е да застане денес на страната на демократијата и достоинството на македонскиот народ.

СР Германија е најважниот трговски партнер на Македонија, а нејзиниот капитал остварува милионски профити на оваа територија. Германскиот нео-империјалистички систем, преку своите инвестиции, непрекинато ги користи македонските ресурси и пред сè работникот како главен ресурс. Не смее да не се напомене дека германските компании од една страна ги користат работниците во фабриките и погоните тука. каде се јавуваат како странски инвестиции, а од друга страна, иселените Македонци поради егзистенцијални причини во Германија, ги принудуваат да ги работат најтешките, најнесигурни и најниско платени работни позиции.

II.

Собранието на Република Македонија ја повикува Владата на Република Македонија:

  1. Да одолее на притисоците, уцените и неправичните услови за отпочнување на преговорите со Европската унија, кои немаат никаков подлога според Копенхашките критериуми;
  1. Да ја промени политичката стратегија и да отпочне радикални реформи кои ќе го прекинат процесот на етно-трибалистичките поделби и дезинтеграција на државата, за конечно да се спроведе мерит-системот во државната администрација за да може да отпочне процес на спроведување на анти-корупциски политики во секоја пора на секојдневното живеење;
  1. Да побара одвојување, односно посебни билатерални преговори исклучиво со институциите на Унијата, како што е Советот на ЕУ, за отворање на првите преговарачки кластери со Македонија и да се осврнува на подготвеноста на земјата во поглед на внатрешните реформи и усогласувањето со европската регулатива и антикорупциската политика;
  1. Да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Македонија кон ЕУ во рамките на Копенхашките критериуми, и да побара нејзина воздржаност од дополнителни барања и условувања инспирирани од сопствените националистички и неоврховистички политики;
  1. Да започне со засилени реформи во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и зајакнувањето на владеењето на правото, и преку личен пример, со процесуирање на криминалците од сопствените редови, да ја покаже својата искрената намера за борба против ваквите девијации и декларативната волја за светлата европска иднина на Македонија;
  1. Итно и неодложно да ги спроведе промените во изборното законодавство заради воведување на една изборна единица, како и парламентарните реформи – согласно препораките од ОБСЕ\ОДИХР и Венецијанската комисија на Советот на Европа;
  1. Да ја усогласи малцинската политика согласно европската пракса и меѓународната регулатива за малцински права. Надминување на ваквите регулативи несомнено водат кон дезинтеграција на државата и противуставна трибализација и „косоваризаија“ на општеството;
  1. Oсобенo да се посвети на заштита на лицата со попреченост и воведување на регулатива која ќе овозможи остварување на правото на живот и лекување на луѓето со ретки болести, како и водење социјална политика која ќе ги подобри условите на социјално ранливите катерии и на луѓето кои живеат на работ од сиромаштија, особено поради запаѓањето во сиромаштија предизвикана од погумните економски политики и огромната инфлација, зголемените каматни стапки и трошоци за живот;
  1. Да се овозможат услови за висококвалификуваните кадри да останат да работат и живеат во државата, но, и да се побара од земјите-членки на ЕУ, вклучително и СР Германија, да престанат да ја злоупотребуваат послабата материјална положба на Македонија и постојано да и ги преземаат стручните кадри, и со тоа попречувајќи го развојот на државата. Ваквото „крадење“ на стручни кадри доведува дури и до целосна девалвација во одредени области, оневозможувајќи ја државата да ги задоволи сопствените потреби, како што е примерот со здравството;
  1. Да се прошири работата на програмите за културна, образовна истражувачка и иновативна политика, со цел да се интензивираат односите со луѓето во Германија, но, и да се претстават македонските позиции како и понижувачкиот третман кој го добива македонската држава и Македонците од земјите-членки на ЕУ вклучително и СР Германија;
  1. Проширување на дијалогот и професионалната соработка меѓу Европското јавно обвинителство и истражните органи во Република Македонија на европско ниво;
  1. Да работи на европско ниво за зголемување и диверзификација на енергетската безбедност преку национализација на енергетските ресурси, кои најчесто се во приватна сопственост на македонски политичари или нивни блиски роднини! Проширување на поврзаноста со соседните земји во областа на енергетиката и влог во обновливите извори на енергија што целосно ќе бидат управувани од државата и насочени за задоволување првенствено на домашниот пазар.