Сјајот и бедата на УКИМ

На 30. мај на ректорските избори на најстариот и сè уште најдобриот универзитет во Македонија – УКИМ за нов ректор беше избрана кандидатката Билјана Ангелова. По сите изгледи токму таа ќе го врати сјајот на УКИМ, барем со нејзиниот златен накит вреден 1 милион денари.

Билјана Ангелова до сега ја извршувала фунцијата проректор за финансии, инвестиции и развој на УКИМ како и претседателка на Комисијата за финансии и на Комисијата за издавачка дејност на Универзитетот. Затоа не е чудно што токму Билјана е кандидатот што беше поддржан од претходниот ректор Никола Јанкуловски во чии мандати УКИМ го тресеа огромни корупциски скандали од кои универзитетот сè уште не може да се соземе.

Новата ректорка Ангелова е дел од олигархиската елита во земјава: во својот анкетен лист, пополнет кај ДКСК, има пријавено недвижен имот на лично име и тоа две куќи од 420 и 90м2, како и стан од 78 м2, сите во Скопје. Ангелова пријавила и недвижен имот на сопругот, две куќи од 150 и 50 м2 во Скопје и во Маврово, како и стан во Охрид од 70 м2. Од движен имот Ангелова пријавила три моторни возила, златен накит во вредност од 1 милион денари, акции од 1,5 милиони денари, како и девизни банкарски заштеди од 435.000 и 61.000 во валута за која сегашната ректорка „не се сеќавала во која била“.

УКИМ кој порано претставуваше еден од најдобрите универзитети на Балканот и пошироко во изминативе децении се распаѓа, професорскиот кадар е пред пензија, и се нема воспоставено никаков систем по кој истиот би бил заменет со квалитетни академски кадри, бидејќи единствениот начин да магистрирате и докторирате на УКИМ е да платите околу 15 000 евра без никакви гаранции дека ќе бидете вработени во институцијата, пред некој кандидат со непотистички и/или партиски врски.

Факултетските згради прокиснуваат и објектите се поплавуваат и по најмалиот дожд, професорите што сакаат да напишат и објават академски трудови се оставени без финансиски средства и трудовите мора да ги самофинансираат, студентите учат од со децении необновени наставни материјали, универзитетот врие од корупција итн итн.

Наспроти таа беда ректорката ќе блеска во полн сјај!