Против сум договорот за жито! – Ексклузивно интервју со Евгениј Балицки, губернатор на Запорожската област

  • Ексклузивно интервју за нашиот портал, со губернатор на Запорожската област, Евгениј Балицки, направено од страна на Тодоровски Дарко, магистер по меѓународни односи и воен аналитичар, кој како воен известувач интервјуто го пренесува директно од канцеларијата на губернаторот Балицки во Запорожје.

„Со одлуката за продолжување на Договорот за жито не се согласувам и сум против. Договорот е измама, како што беа и Минските договори од 2014 и 2015 година, како и Договорот на Јанукович со радикалната опозиција во 2014 година каде што гарант беше ЕУ, а следниот ден се случи државниот удар во Киев. Со Киев треба да се разговара со позиција на сила“ – вели Евгениј Балицки губернатор на воено-граѓанската администрација на Запорожската област, за време на разговорот во неговиот кабинет.

Заедно со група новинари од Етиопија, Италија, Турција, Иран, Србија, Босна и Херцеговина односно Република Српска, Црна Гора имав можност да се сретнам со губернаторот на Запорожската област, Евгениј Балицки, и да направам интервју токму си него.

Без мобилни телефони, и во присутство на воено обезбедување, после детална проверка се најдовме во канцеларијата на губернаторот Балицки, која се наоѓа во подземен бункер, сместен во таен објект во градот Мелитопол. Облечен во воена униформа не прими во својата канцеларија, и се извини поради условите, но како што изјави, во време на војна, најважна е безбедноста. Неговата канцеларија е скромна со спартански услови, обично биро со фотографија од семејството, а покрај бирото се наоѓа автомат Калашников, знамиња на Руската Федерација и на Запорожската област, плус додатна маса за одржување на работни состаноци и средби. До бирото се дрвена сталажа со икона, портрет на Путин, макета на воен транспортен авион Ил-76, а на зидовите се наоѓаат карти од Запорожската област на кои што е означена линијата на фронтот.

На прашањето што мисли за продолжувањето на Договорот за жито Балицки изјави дека „Со одлуката за продолжување на Договорот за жито не се согласувам и сум против. Турција има свои интереси, и Турција помага во договорот за жито, заобиколувајќи ги западните санкции. Работиме преку турски посредници. Бизнисмените, за разлика од политичарите, го ценат својот збор. Турција веќе соработува со регионот Запорожје. Но Договорот за жито е измама, како што беа и Минските договори од 2014 и 2015 година, како и Договорот на Јанукович со радикалната опозиција во 2014 година. За време на Мајден јас бев со Јанукович. Тогаш Јанукович реши да потпише договор со радикалната опозиција и со демонстрантите, а гарант на договорот беше ЕУ. Јас на Јанукович му реков дека договорот е обична измама, на што тој вчудоневидено ме погледна и ми рече дека тоа е невозможно, дека се работи за ЕУ и дека тие ќе стојат на зборот. Наредниот ден во Киев се случи државниот удар, а Јанукович беше принуден да избега. Така заврши Јанукович и неговиот договор со ЕУ.“

На прашањето дали е можен мировен договор и како Москва треба да разговара со Киев, Балицки изјави „Со Киев треба да се разговара од позиција на сила, на една граната која што Киев ќе ја фрли на Доњецк, ние треба да фрлиме две гранати на Киев. Ние сме еден народ, и ова што се случува е граѓанска и братоубиствена војна. Но за тоа е виновен државниот удар во Киев во 2014 година, кој што беше исцениран и спроведен од страна на САД и Велика Британија. После државниот удар новите власти националисти во Киев ни го одзедоа Денот на Победата, ги негираа и уништуваа спомениците на хероите од Големата Татковинска Војна, и не принудуваа да го славиме Бандера, кој што му дал заклетва на Хитлер дека ќе му служи до крај. Бандера, нацист кој што всушност не е ни роден на Украина, и никогаш не бил во Украина. Човек кој е одговорен за геноцид, а нелигитимните власти во Украина после 2014 година околу него го градеа митот и култот за Украина. Не принудуваа да подигнуваме негови споменици и да го славиме. Го забранија рускиот јазик, култура и историја. Тоа е недопустливо и нема да помине, затоа ќе победиме!“

Балицки потоа зборуваше за економската ситуција, и за земјоделството како најважна економска гранка во Запорожската област. Плус за животот во Мелитопол и во Запорожската област.

„Има постојани субвенции за земјоделството – Федералниот центар, односно Москва ни помага постојано. Во оваа фаза, регионот Запорожје не може да сам да се обезбеди економски и финансиски. Добиваме грантови и помош од Москва, и добивме огромна финансиска поддршка за набавка на нова земјоделска опрема во Запорожје. Претходно во Запорожје, во времето на Украина се користеа ГМО семиња, кои што ја уништуваа нашата земја. За среќа, таквиот семенски материјал е забранет со закон во Русија, и ние користиме наши автентични семиња. Нашите специјалисти одат да студираат во Краснодар, Москва, Санкт Петербург, Ростов-на-Дон. Постои постојано учење. Државниот оператор за жито сега тој контролира 22 силоси и складови за жито и располага со 100.000 хектари обработлива земја. Во Запорожската област има специјален фонд за осигурување земјоделците – ризици од загуба поради воените дејства. Нашите комисии постојано работат со нашите земјоделци.“

Разговорот потоа премина кон воената ситуација во регионот, и најавите за украинска офанзива во Запорожје. Балицки даде исцрпувачки одговор за моменталната ситуација на линијата на фронтот, како и негова прогноза за понатамошниот тек на војната.

„Изградивме 6 одбранбени линии во Запорожската област, кои што е невозможно да се пробијат. Украина не е способна за офанзива, и Украина ја загуби способноста за напад и офанзива есента 2022 година. Јас сум мирен, и ние наскоро ќе започнеме офанзива за ослободување на Запорожската област и Украина. 58-та и 35-та армија се подготвени и за одбрана и за офанзива и имаат се што им треба од оружје и опрема. Често сум на линијата на фронтот, ги гледам нашите војници и нивните лица, моралот на нашите војници е висок. На нашите позиции не се голобради млади војници кои што на почетокот не знаеја зошто војуваат, во рововите и на позициите денес се вистински мажи и војници. Ние во оваа војна немаме право да изгубиме“ – изјави Балицки.

На прашањето дали би можел да направи споредба на војната во бивша Југославија со денешната војна во Украина, Балицки изјави дека „Англосаксонците работата по една иста шема, раздели и владеј, како и на територијата на бивша Југославија, така и на територијата на бившиот СССР. Тие го пуштија целиот овој процес во Украина во 2014 година. Кога жените немаа право на глас во САД, нашите советски жени летаа во вселената.“

На крајот на интервјуто Балицки ни посака добро здравје и изјави дека „Пред Русија и Африка и Азија има многу можности за соработка. Русија и Запорожската област се подготвени за соработка. Поради фактот што Африка била колонија на Западот, Африка секогаш ќе биде против Западот.“

Кој е Евгениј Балицки?

Гувернаторотѕ Балицки, од страна на Киев е обвинет дека е предавник. Тој е роден е на 10-ти декември, 1969 година во Мелитопол, Запорожската област, СССР. Оженет, има три синови. Во 1991 година ја завршил Тамбовската виша воено авијациска школа како пилот – инжинер, и се здобил со чин капетан. Во 1992 година учествувал во мировната мисија во Босна и Херцеговина, и како пилот – инжинер летал на воено транспортен авион Ил-78. Во 1995 година ја напушта украинската армија и започнува приватен бизнис. Од 1998-2012 година бил пратеник во Запорожскиот реонски совет, а во 2010 година се приклучува кон Партијата на регионите, и во 2012 година е избран за народен пратеник во Врховната рада на Украина. Во 2014 година ја напушта Партијата на регионите, и 2015 година влезе во парламентарната група на Опозицискиот блок. После почетокот на конфликтот помеѓу Русија и Украина, и вклучувањето на Запорожската област во Украина, Балицки е поставен за губернатор на воено-граѓанската администрација на територијата на Запорожската област која што е под контрола на Русија. Интересно е дека на 25-ти декември 2018 година Балицки беше вклучен во санкциониот список на Руската Федерација, а беше исклучен од него со одлука на владата на Руската Федерација од 26.11.2022 година. Денес се наоѓа на списокот на санкции на Западот.