АктуелноЛокално

Убиец од Диво Насење вели дека е ослободител – Министерот Лога планира нивна екстрадација во Косово

Фатмир Речица, еден од членовите на Кумановската група која го изврши масакрот во “Диво насеље” осуден на 40 години затвор, вели дека за албанскиот народ осудените се ослободители. Преку директна врска од затворот Идризово за емисијата ФРОНТАЛ на косовската телевизија Т7, Речица рече дека дискриминацијата што му се вршела на албанскиот народ е една од причините поради кои тие патувале од Косово во Македонија.

„За Албанците ние сме ослободители и борци на нашиот народ. Со оглед на настаните во Македонија, дискриминацијата на албанскиот народ. Дојдовме со добра волја со идеалот за национално единство“, рече Речица по повод 8-годишнината од крвавите настани во “Диво насеље”, пренесува Газета Експрес.

Тој покажа и една од фотографиите на која се гледа тој заедно со некои други соборци, некои убиени, а некои во затвор.

„На таа фотографија некои се маченици, а некои се во затвори. На косовско-македонската граница. Во село на самата граница. Не беше лесно да се мине границата, но бевме екстра внимателни на целиот пат“, рече тој.

Запрашан дали имаат поддршка од Косово, Речица рече дека имаат поддршка, но дека ќе дојде време кога ќе се открие со имиња и презимиња кој ги поддржал и кој ги турнал да донесат одлука за заминување кон Куманово.

„За жал, во Косово не се зборува. Затоа што имавме поддршка од Косово. Имаме поддршка од добронамерници, не сме ги спомнале. Ќе дојде ден кога ќе ги споменеме по име и презиме, кој не поддржа и кој не турка“, рече тој.

Речица вели дека е осуден на 40 години затвор и напоменува дека си ја исполнил должноста.

„Осуден сум 40 години. Ја извршив мојата должност“, изјави тој.

Апелацискиот суд – Скопје ги одби жалбите на обвинетите во предметот „Диво Насеље“ и во целост ја потврди првостепената пресуда за случајот со терористичките напади во Куманово. Основниот кривичен суд на 2 ноември 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од кумановското Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица, поради немање докази, беа ослободени од обвиненијата.

Врховниот суд подоцна не дозволи повторување на постапката за предметот, а осудените најавија дека ќе се жалат пред судот за човекови права во Стразбур.Инаку, во затворот “Идризово”, како и во останатите затвори не се дозволени телефони, а полицијата во неколку акции таму пронаоѓаше и одземаше покрај телефони и ладно оружје и дрога.

Се поставува прашањето дали осудените за “Диво насеље” се привилегирани, па можат, веќе неколку пати по ред во живо да се вклучуваат во емисии на косовски телевизии.

Потсетуваме дека Министерот за правда Кренар Лога во интервју за РСЕ пред две недели кажал дека се комплетира документацијата за префрлање на терористите во Косово. Мнозинството граѓани на овој чин гледаат како на ослободителна пресуда и се сомневаат во какво било издржување на затворските казни надвор од територијата на Македонија.