Крмов: Раководството на ВМРО-ДПМНЕ да сфати дека двојазичните униформи не се дефокус од јавноста

Во вечерашното гостување на „Само вистина”, пратеникот Борислав Крмов потенцира дека процесите, како што се начинот на спроведувањето на пописот и двојазичните униформи, водат кон губење на унитарноста на државата.

На прашањето на новинарот зошто огромен дел од младите иднината ја гледаат надвор од државата, Крмов истакна дека сите политички партии кои биле дел од власта изминативе 30 години мора да понесат одговорност за моменталната состојба во која се наоѓа Македонија денес.

„Левица нема учествувано во власта овие 30 години. Сите партии кои имаат учествувано во власта овие 30 години се апсолутно одговорни за ситуацијата во која се наоѓаме. Секако дека економијата е битна, таа е на некој начин најбитна, ама ова “фрлање на магла” со економски теми, додека овие политички процеси течат е голем проблем.

Вчера беше во вашата емисија пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова и таа ги спомна двојазичните униформи, при што кажа дека тоа е само дистракција. Мора да сфати раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека губењето на унитарноста постепено не е никаква политичка дистракција. Ние за да развиваме економија и за да ни останат младите тука, прво треба да имаме држава во која ќе развиваме економија.”
– истакна Крмов во своето гостување.