Курти: Решението е, или толпата да се врати во Србија или да заврши во косовските затвори

Припадниците на специјалната полиција нема да се повлечат од општинските згради на северот на Косово, изјави премиерот на Косово, Аљбин Курти.

Тој додаде дека решението за кризата во северно Косово „е или толпата да се врати во Србија или да заврши во косовските затвори“.

Курти, кој пристигна во Братислава каде се одржува безбедносниот форум „Глобсек 2023“, иако ден претходно изјави дека го откажал учеството на форумот во Словачка, истакна дека „додека разгневената толпа е на улица и се заканува со напад, специјалните сили мора да бидат во општинските згради“, пренесува „Косово онлајн“.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Братислава изјави дека Приштина е одговорна за немирите во северно Косово и изрази надеж дека ќе се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц и со лидерите на Белград и Приштина подоцна оваа недела.

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, денеска изјави дека Приштина ќе ги сноси последиците бидејќи не ги послушала советите на САД, дека тоа ќе влијае на односите со Вашингтон, но и дека не е запознаен со сите детали. Ова го изјави пред новинарите во Белград и додаде дека мора да се постигне напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, формирање на ЗСО и продолжување на дијалогот.

„Нашиот државен секретар, Ентони Блинкен, јасно стави до знаење дека се противи на какви било потези што ги направил Курти кои се спротивни на сите совети што ги дававме и Блинкен рече дека ќе има последици“. Мора да се стремиме да не го изгубиме компасот и насоката на движење, а тоа е формирање на ЗСО, нормализирање на односите. Неопходно е да се помири балканскиот регион и да се продолжи во насока на ЕУ и евроатлантските интеграции“, рече Хил.

Премиерот на Косово Аљбин Курти изјави дека е загрижен, но не се плаши од американските санкции кон Косово по неодамнешните настани на северот, пренесува Репортерс. Курти во Братислава изјави дека пораката на САД е силна и дека се обидуваат да најдат излез.

„Прашавте дали сум исплашен или загрижен? Загрижен сум, но не се плашам. Затоа што на крајот на краиштата, мојата работа не е да се плашам, туку да се грижам. САД испратија силна порака, се обидуваме да најдеме излез Прво треба да излеземе од кризата на северот, што значи владеење на правото. Втората патека е брзата, безусловна имплементација на договорот што го договоривме“, рече Курти.