Промоција на романот “Полиглот” од Игор Станојоски во Градска Библиотека “Браќа Миладиновци” Скопје

Утре со почеток од 19 часот во Градска Библиотека “Браќа Миладиновци” Скопје – Спомен соба “Тга за југ” ке се одржи промоција на романот “Полиглот” од Игор Станојоски.

…Пролетта 2021 година главниот лик во романот “Полиглот” е ангажиран како преведувач на меѓународна конференција. Додека совесно си ја врши работата, постепено сфаќа дека настанот добива неочекуван тек. Секоја нова епизода го испумпува кислородот од малата кабина, но и го буди во него гневот спрема општеството и спрема ‘нив’, па најпосле тој заклучува дека мора да ги урне ѕидовите на кабината – за да не се задуши. Но тоа не е возможно додека не го добие својот расплет на приказната за чудните случувања од пролетта 2004 година…
Интересен роман, со заплети и можни решенија на сложените ситуации. Авторот на “Диссомнии”, книга на месец ноември од кампањата  #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори  и овој пат нуди возбудлива приказна чиј крај не може да се предвиди.
Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Работел на Универзитетот во Лавов (Украина), Катовице (Полска), Брно (Чешка). Докторирал на Институтот за словенска филологија во Сосновјец (Полска). Во моментов работи како вонреден професор на Филолошкиот факултет во Штип. Автор е на романите “Гргара” (2014), “Првиот универзитетски ден на мојата ќерка” (2016), “Диссомнии” (2017).
Романот “Полиглот”, издание на “Муза” низ разговор со авторот ќе го претстави книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски