Масовни протести Полска – Закана за националистичката Влада

Стотици илјади луѓе се собраа во Варшава на 34-годишнината од одржувањето на првите поствоени демократски избори во Полска, на маршот организиран од опозицијата, која ја тестира својата способност да стави крај на осумгодишното владеење на националистите на изборите подоцна оваа година. Организаторите и локалната власт проценија дека во колоната долга над еден и пол километар има половина милион луѓе, што не беше потврдено од полицијата.

Илјадници луѓе истовремено маршираат во други полски градови.

Предизборните анкети велат дека изборите што ќе се одржат наесен ќе бидат тесни, но војната во Украина ѝ даде голем поттик на владата на Закон и правда (ПИС), која стана водечки глас против Русија во Европа. ПИС се обвинува дека го нарушила владеењето на правото во земјата, дека ги узурпирала државните медиуми и дека поттикнува хомофобија.

Доналд Туск, шефот на групата Граѓанска платформа, изјави дека гласот на Полјаците не може да се замолчи.

„Демократијата умира во тишина, но вие денеска го кренавте гласот за демократијата. Тишината заврши, ќе викаме. Пола милион луѓе се на улиците на Варшава, тоа е рекорд“, кажа Туск.

Еден од поводите за протестот е предложениот закон за елиминирање на т.н. руско влијание во земјата, што опозицијата го сфаќа како обид на властите да почнат прогон на политичките противници. Актуелната влада води сериозна анти-руска политика, а Полска е земја од која има најмногу странски војници, вклучени во украинскиот конфликт. Многумина ова го оценуваат како сигнал на несогласување со политиките на националистичката Влада.