Македонците од Бугарија одбележаа 98 години од ѕверствата на ванчомихајловистите

Претставници на ОМО „Илинден“ – ПИРИН и на ОМО „Илинден“ вчера положија свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Благоевград, одбележувајќи 98 години од почетокот на убиствената војна на Македонците во Бугарија предводена од Ванчо Михајлов и неговите следбеници.

„На 12 септември 1924 година во градот Горна Џумаја (денешен Благоевград, Пиринска Македонија), по наредба на Иван (Ванчо) Михајлов, биле убиени Алеко Василев – Пашата, потполковникот Георги Атанасов и многу други етнички Македонци. Овие убиства го означиле почетокот на братоубиствената војна меѓу етничките Македонци во Бугарија од ванчомихајловистите, а во периодот од 12.09.1924 до 19.05.1934 година во цутот на својата младост и сила животот го загубија околу 4.000 етнички Македонци. Први на удар беа и настрадаа санданистите. Убиени се и малтретирани многу мирољубиви граѓани и селани од Пиринска Македонија.

Поради злосторствата што ги извршил Иван (Ванчо) Михајлов и неговите џелати, кој бил слепо оружје на бугарскиот двор и дејствувал по наредба на царот Борис Трети и на генералот Валков, македонскиот народ во Пиринска Македонија го нарече крволок и главорез.

„До неодамна под Пирин сè уште имаше жени со црни шамии на главите, во знак на жалост за нивните татковци, синови, сопрузи и други роднини убиени од Ванчо Михајлов“, напиша на Фејсбук македонскиот активист од Благоевград, Атанас Кирјаков-Војводата, еден од основачите на Обединетата македонска организација „Илинден“.

За одбележувањето на годишнината од стартот на десетгодишното крвопролевање, поттикнато од патронот на културниот клуб на Бугарите во Битола и од неговите истомисленици, се огласи и ОМО „Илинден“ – ПИРИН на Твитер:

Од клубот “Никола Вапцаров”, Македонците се упатија кон споменикот на Гоце Делчев, да го одбележат Денот на геноцидот врз македонскиот народ. Еден од најголемите масакри извршени од страна на крвниците на Ванчо Михајлов, 2000-3000 Македонци низ Пиринска МКД и БГ биле убиени.