Унгарците се против снакции на ЕУ кон Русија

Мнозинството Унгарци се против санкциите против Русија кои ги воведува Европската унија, покажува новото истражување.

Според резултатите од истражувањето на Институтот „Свети Стефан“, 54 отсто од испитаниците во Унгарија целосно не се согласуваат со односот на Европската унија кон конфликтот во Украина, како и со воведувањето санкции и испораките на оружје. Само 9 отсто од анкетираните се согласуваат со политиката на ЕУ по однос на овие прашања, додека 13 отсто одговориле дека се согласуваат само делумно.

Истражувањето покажа дека Унгарците на возраст од 40 до 59 години најмногу се противат на политиката на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина.

Во Будимпешта најмал е бројот на оние кои се против политиката на санкции, па така во главниот град на Унгарија 35 отсто од испитаниците негативно го оцениле воведувањето рестриктивни мерки. Во другите градови тој број на испитаници е околу 55 отсто, а во руралните средини 62 отсто.

Во исто време, истражувањето покажа дека 51 отсто од жителите на Будимпешта веруваат дека Европската унија е способна да ги заштити своите граѓани, додека таа бројка во остатокот од земјата е 43 отсто.

Довербата во ЕУ е најголема кај возрасната група од 18 до 29 години, од кои 56 отсто и веруваат на ЕУ, а најниска меѓу возрасната група од 50 до 59 години, меѓу кои само 37 отсто од испитаниците велат дека имаат доверба во ЕУ. 54 отсто од Унгарците се незадоволни од раководството на Европската унија, додека 36 отсто од нив се задоволни, покажа ова истражување.

Во истражувањето се наведува дека околу 40 отсто од унгарските граѓани веруваат дека христијанството е од витално значење за иднината на Европа, додека уште 40 отсто од нив веруваат дека тоа е донекаде или многу важно.
Вкупно 10 отсто од Унгарците изјавиле дека христијанството воопшто не е важно за иднината на Европа.

Истражувањето е спроведено од 2 до 4 мај на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, соопшти Институтот „Свети Иштван“.