Андон Јанев Ќосето – Историска личност која многумина се обидуваат да ја демонизират

Деновиве повторно се отвори дебата за еден од помалку познатите, но не и незначајни ликови од историјата на македонскиот народ, Андон Јанев Ќосето. Поради тоа што Ќосето не е дел од интелектуалната група во Македонската револуционерна организација, поради тоа што нема учествувано во создавањето на документацијата на Организацијата, која денес е наша историска архивска граѓа, релативно малку се знае за него. За тоа секако виновник е и науката и недостатокот на научна литература за оваа историска личност.

Како тоа да не е малку, па на таквиот вакум со злоупотреба се накалемија и двете најголеми политички партии кои на грбот на Андон Јанев Ќосето се трудат да добијат политички поени. Едните го присвојуваат, другите го демонизираат и со тоа само го зголемуваат сериозниот и штетен по државата хаос кој веќе го имаат создадено на полето на македонската историја.

  • Но, кој навистина е Андон Јанев Ќосето и дали ваквата политичка злоупотреба е паметно да се прави? Во овој текст ние правиме скромен обид да одговориме на тоа прашање и да фрлиме зрак светлина врз овој значаен лик од македонската историја.

Точната дата на раѓање на Андон Јанев Ќосето не може со сигурност да се каже. Тој е роден помеѓу 1863 и 1869 во село Глозница, Велешко. Роден е во бедно чифлигарско семејство, кое едвај ја обезбедувало својата егзистенција поради ексоплоатацијата која се вршела врз нив од страна на беговите и државата. Неговиот татко припаѓал на категоријата исполичари. Тоа се категорија на луѓе кои живеат и работат на имотот на некој бег и кои на крај од плодот на целиот свој труд добивале само една третина. Десеток морале да дадат на државата и половина на бегот на чиј имот работеле. Дополнително испоичарите имале и обврска неколку дена да работат беспари кај чифликсајбијата, да му обезбедат дрва за огрев итн. Имајќи предвид дека средствата за производство биле на оскудно ниво и резултатот од таа работа бил минимален, по одземањето на десеттокот од држвата и половината од бегот на крај за иполичарот останувале едвај средства за преживување. Ваквата ситуација во која се наоѓал македонскиот народ, а во случајов и Ќосето, била основен мобилизирачки фактор за пристапување кон Организацијата и ослободителното дело како за целиот македонски народ, така и за Ќосето.

Ќосето иако не бил дел од врховните лидери на Организација, татковците на македонската нација, потполно е свесен за нивното значање и за нив искажува неизмерна почит. Особено тоа е очигледно во односот кон Гоце Делчев. При запишувањето на спомените на Ќосето од страна на Бојан Мирчев, забележано е дека Ќосето речиси при секое спомнување на Делчев почнувал да плаче. За Делчев Ќосето ќе рече: „Како нас можат да се родат десетици, стотици. Но, Македонија тешко дека ќе роди втор Делчев.

Ќосето е човек чија преданост на ослободителното дело и лојалност кон Организацијата се граничат со фанатизам. Тоа најдобро се гледа во случајот со егезекуцијата на неговиот роден брат кој станал турски шпиун, поткажувач. Ќосе ладнокрвно се согласил неговиот брат да биде егзекутиран. По егзекуцијата, го информирал Даме Груев кој почнал да изразува сожалување, па дури и да се извинува што тоа морало да се случи. На тоа Ќосето одговорил: „Како, зар да тажиме што е загубен еден човек? Ако сум штетен и мене ќе треба да ме убиете“.

Поради таквата лојалност и посветеност како и огромната доверба во него, од страна на Организацијата него му се доверуваат најтешките задачи каде што во прашање се ставале неговиот живот, животот на соборците како и животот и имиџот на Организацијата. Него му се доверуваат задачи како егзекуции на разни непријатели на македонското ослободително дело, ликвидации на разбојнички банди кои го тероризирале населението, киднапирања и изнуда на средства за Организацијата, а учесник е и во повеќе судири со османлиските војски. На пример, на Ќосето паднала задачата да ја ослободи од заложништво Мис Елен Стон по добиениот откуп за Организацијата од 14 500 турски лири. На Ќосето му била дадена задача за време на Илинденското востание да ја спроведе четата на Ѓорче Петров од бугарско-турската граница во Прилепско, претходно бил задолжен да ја спроведе четата на Сарафов, му била доверена обуката на милицијата на Организацијата, му биле доверени складови со оружје итн.

Ќосето исто така е човек од доверба на добар дел од врховните дејци на Организацијата по чии директни инструкции делува. Така во одреден период е телохранител на претседателот на ЦК на МРО, Христо Татарчев. Во одреден период е помошник на војводата Михаил Апостолов Попето кој има значајна улога во воспоставувањето на четничкиот институт на терен низ Македонија. Дур бил во Солун, Ќосето дејствува по директни инструкции на Даме Груев, а и безброј пати бил придружник на Гоце Делчев без разлика дали станува збор за обиколки низ Македонија или високоризични акции и потфати.

Ќосето во 1948 испраќа телеграма до Лазар Колишевски. Телеграмата ја испратил инспириран од говорот на Колишевски на Вториот конгрес на Народниот фронт на Македонија во кој Колишевски зборува за побрзо обединување на македонскиот народ од Пиринска Македонија и Народна Република Македонија. Во телеграмата Ќосето ќе напише:

 „Јас како воен другар на Гоце Делчев и Јане Сандански го поздравувам Вашиот историски говор на Вториот конгрес на Народниот фронт, во кој ние гледаме надеж дека скоро ќе се исполнат идеалите на нашиот македонски народ, да живее, еднаш засекогаш, под еден покрив..

Имајќи го сето ова во предвид јасно е дека Ќосето е личност која е нераскинливо поврзан со Организацијата, со дел од врховните водачи на Македонската револуционерна организација и со ослободителното дело на македонскиот народ. Од таа причина претставувањето на една поедноставена слика за него која може да биде опфатена и опишана со една проста етикета е практично невозможно. Тоа е особено невозможно доколку етикетирањето е во негативен контекст затоа што не е возможно да се демонизира Ќосето без притоа да се демонизирааат најсветлите ликови во историјата на македонскиот народ, под чии инструкции тој делувал, без да се оцрнат МРО и ослободителното дело.