АктуелноЛокално

Висококатниците кои треба да никнат во Лисиче се нацртани врз главната гасоводна цевка

Новите згради од 8 и 12 ката кои се предвидуваат да се градат во скопската населба Лисиче се нацртани врз главната гасоводна цевка. Цевката за гас со Ф-400 со која се поврзуваат и снабдуваат со гас погоните во поранешната фабрика Железара и фабриката „Усје“ минува покрај булеварот Србија односно до нивите каде со новиот план кој го прави Општина Аеродром се цртаат маркички за висококатниците.

На овој потег, како што велат од Акционерско друштво за вршење на енергетска дејност за пренос на природен гас во државна сопственост НОМАГАС, не смее да се градат згради, односно ако тоа се прави, тогаш цевката треба да биде дислоцирана.

„При изработката на планот од Општина Аеродром побарани се податоци за гасоводната инфраструктура на овој потег. Известени се дека таму се наоѓа главната цевка и дека не може да се градат згради. Доколку се нацртаат згради и некој добие дозвола за градба, тогаш градежникот на свој трошок треба да ја дислоцира цевката, што е скапа работа“, велат од НОМАГАС.

ДЕВЕТ ЗГРАДИ МЕЃУ КОИ И ЕДНА 12-КАТНИЦА ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВО СКОПСКАТА НАСЕЛБАТА ЛИСИЧЕ КОЈА СЕГА Е САМО СО КУЌИ

Според новиот Детален урбанистички план ЈИ09 блок 09.01 во населбата Лисиче се предвидуваат маркички за девет згради. Долж булеварот Србија на просторот каде сега нема објекти туку само еден автоплац за продажба на коли, има маркички за четири големи згради. Три се осумкатници со приземје, 6 ката и поткровје, а зградата на ќошот меѓу булевар Србија и улицата 12. Македонска бригада е 12-катници со приземје, 10 ката и поткровје. Пет згради се предвидени и долж улицата 12. Македонска бригада, со што на сопствениците на куќите на овој потег им се дозволува да можат да градат згради од приземје, 4 ката и поткровје.

Парцелата каде ќе се гради 12-катницата е со сопственост на Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, газди на градежната фирма „Голден арт“. Тие лани во мај купуваат нива на булевар Србија и кратко време по тоа Општина Аеродром на таа нива црта маркичка за 12-катница.

ГРАДЕЖНИЦИ ЛАНИ СИ КУПИЛЕ НИВА ВО ЛИСИЧЕ И СЕГА ОПШТИНА АЕРОДРОМ ИМ НАЦРТА 12-КАТНИЦА ВО НИВАТА

Советникот од СДСМ во Советот на Општина Аеродром Милутин Ристески вели дека на денешен ден, пред точно една година, Советот примил три донации меѓу кои една е од градежната фирма „Голден арт“.

„Точките беа доставени на самата седница, не 7 дена порано, како што е редот. Една од овие донации е 5 милиони денари, за парк на улица Владимир Комаров. Донацијата е од градежна компанија чие име упорно се крие во сите објави за паркот. Е сега, исто лани, сопствениците на оваа компанија си купиле во Лисиче нива. Тимчо им црта зграда на 12 ката во нивата на раскрсницата на булевар Србија со булевар 12-та Македонска бригада“, напиша на својот Фејсбук профил Ристески. 

  • Текстот е превземен од sdk.mk