Кацаров: Новите згради од населба Лисиче ќе направат затвор на отворено

По Борба за Влае, ново граѓанско движење се појави на другиот крај од Скопје, во Лисиче. Причината за нивно појавување е иста како и во Влае, градежен бум во населбата за кој разбираат дека општината го носи речиси зад нивниот грб.

Во Лисиче каде сега има куќи се испланирани 9 нови згради со новиот ДУП. Три ќе бидат на осум нивоа (приземје, шест ката и поткровје) покрај булеварот Србија, на земјиште што сега е главно неизградено и каде што работи еден автоплац за користени возила. Пет згради се нацртани покрај булеварот 12 Македонска бригада, на места каде што сега има изградени куќи. На аголот меѓу булеварите ДУП-от предвидува најголема зграда од 12 нивоа.

„Лисиче е најзагадената населба веројатно во светот. Аерозагадувањето урива рекорди. А со новиот план покрај булеварот Србија ќе се направат ред згради што целосно ќе ни го затворат протокот на воздух и ќе бидеме како во затвор на отворено“, вели Тодор Кацаров локален жител и активист, кој откако дознал за планот, ги алармирал жителите да реагираат против неговото усвојување додека трае јавната анкета.

Само 4 дена пред да заврши јавната анкета граѓаните дознале за овие измени, бидејќи општина Аеродром применила начин на информирање кој според „Борба за Лисиче“ бил далеку од транспарентен и личел како да се крие новиот ДУП.

Жителите успеале да поднесат над 100 негативни мислења за новиот ДУП иако се помачиле затоа што на веб сајтот на општината немало елктронска верзија на формуларот за мислење за ДУП, а во општината имало само една празна копија во просторија каде немало принтер и граѓаните го копирале формуларот едни од други.

Пет катастарски парцели, со вкупна површина од 1.181 метар квадратен и заведени како ниви во имотните листови, од мај во минатата година се сопствеништво на две лица. Тоа се Ивица Јаќимовски и Роберт Јакимовски, газди на компанијата „Голден Арт“, која има потписи на десетина потписи на фасади во Скопје, претежно во Општина Аеродром, запишани се како физички лица, името на правниот субјект не фигурира, објави порталот призма.мк.

Компанијата „Голден арт“ има земјиште и во кругот на поранешната фабрика „Треска“ во Општина Центар, каде што имаше граѓанска иницијатива за менување на ДУП-от за да се направи повеќе зеленило. Јаќимовски, кој освен што ја води сопствената компанија, е претседател и на Градежната комора.