Разговор со Русјаков – автор на „Хотел меѓу две војни“ во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Разговор со Александар Русјаков, автор на романот „Хотел меѓу две војни“, (книга на месец февруари во библиотеката „Браќа Миладиновци“) е закажан за 07.02.2023 од 19 часот во Спомен-соба „Т’га за југ“, на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.

„Хотел меѓу две војни“ во издание на Ars Libris/ Ars Lamina е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.„Хотел меѓу две војни“ е добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2021 година и на Рациновото признание во 2022 година.

Александар Русјаков е роден во 1970 година во Велес. Пишува поезија, раскази, драми, а „Хотел меѓу две војни“ е негов петти роман. Автор е на сценарија за повеќе кратки тв филмови и серии, за долгометражни играни и документарни филмови, како и на анимираната тв-серија „Еднооки“.

Разговорот е дел од големата кампања на оваа библиотека, „Читаме современи македонски автори“, а „Хотел меѓу две војни“ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 25 февруари.

Разговорот со Русјаков ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.