За два месеци од штипската болница заминале 30 вработени

Сè поголем е одливот на здравствени работници кои одат на работа во побогатите земји. Во Регистарот се евидентирани 179 лекари со активни лиценци кои дале податок дека работат во странство, ова го покажуваат податоците од Лекарската комора на Македонија.

„Согласно своите надлежности Комората издава потврда (good standing certificate) на докторите дека се членови на Комората и дека против нив не се води постапка пред Судот на честа при Лекарската комора. Овие потврди им се неопходни на докторите за едукација во странство, стручен или студиски престој во странство, обука и доусовршување, меѓународни проекти како и на оние кои заминуваат да живеат и работат надвор од нашата држава. Во 2020 година се издадени 122 потврди, 2021 година 187 потврди, а минатата година се издадени 174 потврди.” – велат од Лекарската комора.

Овие бројки само го потврдуваат фактот дека трендот на заминување на здравствениот кадар кој траеше за време на пандемијата, сега се засили. Дека здравството е на стаклени нозе сметаат и пациентите.

Во штипската Клиничка болница за само два месеци од почетокот на годината си заминале 30 вработени. Во моментов, болницата работи со сто вработени помалку од предвидената бројка или тоа се сто испразнети работни места.

И додека состојбата на терен според самите лекари е алармантна, од Владата тврдат дека нема егзодус на лекари.