Грчката железница во штрајк, причина е човечка грешка, но суштината е лошата приватизација

Грција прогласи тридневна жалост поради најтешката железничка несреќа во последните децении. Најмалку 43 лица загинаа, а 130 се повредени кога патнички воз на линијата Атина-Солун се судри со товарен воз во близина на градот Лариса во централна Грција. Министерот за транспорт поднесе оставка, а началникот на железничката станица е уапсен. Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека сè укажува на човечка грешка. Во Грција денеска нема да сообраќаат возови поради протестот на железничарите.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави формирање на експертска комисија која ќе го истражи судирот.

„Се соочуваме со неопислива трагедија. Нашите мисли се пред се со роднините на жртвите. Наша должност е да ги лекуваме повредените, да ги идентификуваме телата. Но, тука сум и да ви гарантирам дека ќе ги откриеме причините за трагедијата и ќе направиме се што е во наша моќ да се осигураме дека вакво нешто никогаш повеќе нема да се повтори“, рече Мицотакис.

Остатоци од возови на железничките линии по судир во Темпе, околу 376 километри северно од Атина, во близина на градот Лариса, Грција, среда, 1 март 2023 година.

Грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Костас Караманлис поднесе оставка. Тој изјави дека поднесува оставка бидејќи тоа е најмалку што може да направи за да им оддаде почит на жртвите.

Уапсен е шефот на железничката станица во Лариса, а се смета дека тој ја сноси најголемата одговорност за несреќата.

Претседателот на Грчките железници, Костас Генидунијас изјави дека на релација Атина-Солун не работат ниту семафори, сијалички, ниту контрола на сообраќајот и се работи рачно.

„Да функционираше, машиновозачите ќе го видат црвениот сигнал и возовите ќе застанат на 500 метри еден од друг“, рече Генидунијас, посочувајќи дека работниците неколкупати протестирале поради ова.

Во писмото од 7 февруари, грчкиот синдикат на железничари укажува на бројни проблеми во грчките железници. Наведоа дека „додека не се преземат заштитни мерки на работните места и безбедно функционирање и сообраќај на возовите, нема да има крај на несреќите“.

Главниот уредник на „Комотинипрес“ Николаос Арванитес изјави дека можна причина за денешната железничка несреќа е системска грешка во управувањето со сигнализацијата.

„Официјалната причина е човечка грешка, но тоа се случи бидејќи до сега ништо не беше направено на системот. Морам да кажам дека од 24 јануари до 4 февруари годинава синдикатите го предупредија министерот дека има проблеми. Суштината на несреќата е лоша приватизација и системска грешка во железницата“, посочи Арванитес и додаде дека има проблем со управувањето со сигнализацијата, и дека тоа трае со години.

Тој за N1 изјави дека пругите во Грција не се во најдобра состојба, а на пругите им треба реновирање, бидејќи се стари од 40 до 50 години.

Пред седиштето на Грчката железница во Атина, околу илјада демонстранти протестираа поради сударот на возот. Дошло и до конфликт со полицијата.

Во Грција денеска нема да сообраќаат возови, откако Панхеленската федерација на железничарите (ПОС) одлучи да штрајкува 24 часа.