Изложбата на скулптури „Фамилија“ од Синиша Новески ќе биде отворена во КИЦ-Скопје

Во Културно-информативниот центар – Скопје, во Салон „Империјал 1“, на 2 март, во 19 часот, ќе биде отворена изложбата на скулптури од Синиша Новески, насловена „Фамилија“.

Според историчарот на уметност Владимир Величковски, „Новески е интимист, стилски определен за традицијата и за модернизмот. Преокупиран со хармонијата на компактниот волумен, како и со предизвиците на времето што значи притаен немир на животното пулсирање, а едновремено и со создавање уметничка проекција на една контемплативна голема благост во изразот. Таквиот несекојдневен амалгам на внатрешни импулси е реализиран во цврста форма со уверување дека убавината на традицијата е неисцрпна како и експериментите во доменот на модернизмот (примери од творештвото на Хенри Мур, Коста Ангели Радовани, Франо Кршиниќ, Иван Мештровиќ)“.

Синиша Новески во разни тематски и стилски варијанти го негува фамилијарниот култ на човекот низ сензибилната претстава на телото и поттиците на внатрешниот живот. Едноставноста, рамнотежата и чистата пластичност на скулптурите и во цртежите, оставаат простор и за проширено толкување на неговите дела. Тоа се значајни квалитети во ова крајно вознемирено време, време полно со страв и неизвесност, време во кое секоја искра на човечност и позитивна проекција на складност и надеж во ликовниот израз делува благотворно и за уметноста, која ја изгуби аурата на емотивност и остана во просторот на својата површна провокативност. Материјалот и чувствата во делата на Новески се неодвоиви компоненти во кои е содржана човечката искра на благост и на присност, но и на отуѓеност, искажани со една непосредност или „изворна едноставност“. Во нив се препознава неисцрпната убавина на минатото – добра основа за наредните творечки истражувања и дела на уметникот – посочува Владимир Величковски.

Синиша Новески (роден на 6 септември 1978 г.) е академски скулптор и искусен педагог. Има повеќе од 20 скулптури изложени во јавни простори во Македонија, Србија, Бугарија и САД. Излагал на 20 самостојни и повеќе од 30 групни изложби.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, како и на Друштвото на ликовни уметници од Македонија во Србија, во кое бил член на Управниот одбор од 2014 до 2022 г. Има учествувано во повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми и освоил исто толку награди, како за сопственото уметничко творештво, така и за менторско-педагошкото работење со студенти.

Изложбата ќе може да се посети до 14 март, известија од ЈУ Културно информативен центар – Скопје.