(Видео) Апасиев: Власта е анти-работничка со десничарски неолиберални политики!

Обраќање на претседателот и пратеник на Левица, Димитар Апасиев, по повод реконструкцијата на Владата.


Почитувани колеги пратеници, почитуван октруиран премиер,

Внимателно го исчитав вашето експозе и да ви кажам дека, стручно вака реторички од седумнаесет тези кои ги изложивте, шестнаесет ви се лажни и само една ви е вистинита, вистината е дека опозицијата е предводена од Левица. И ми остана една реплика што случајно ја забележав, каде што велите: „За мене политиката не е математика.“ веројатно сакајки да контрирате на изјавата на Мицкоски дека политиката е математика. Сега би цитирал една реплика од еден класик на марксизмот-ленинизмот кој вели дека „Политиката повеќе прилега на алгебра отколку на аритметика и уште повеќе на виша математика отколку на нижа.“.Во новите геополитички преструктурирања вие тука се обидувате да не убедите, математички кажано дека минус три е поголемо од минус два или да не убедите дека новите шеесет и четири се повеќе од старите шеесет и четири пратеници.

Гледајќи го експозето решив да се позанимавам со структурна критика на вашиот говор. И мојот говор ќе го структуирам на три столба односно емпириски да ви докажам дека сте анти-работничка партија, дека сте анти-европска партија и дека сте анти-македонска партија.

Зошто сте анти-работничка партија(влада или владеачка коалиција)?

Често знаете да не обвините нас дека Левица е радикална десница, но сега ќе видиме дека вие применувате апла десничарска, неолиберална политика. Имено во ваше време класната раслоеност во државата е до невидени размери. Богатите стануваат се побогати, сиромашните стануваат се посиромашни! Креиравте елита на десет илјади брачни парови кои заработуваат седумдесет до осумдесет пати повеќе од обичниот граѓанин. Богатството на олигарсите кои ги создавате почива на мизеријата на работникот.

Десет компании прават профит од 300 милиони евра, а даваат плати кои се просечни или под просекот. Три банки: Комерцијална, Стопанска и NLB само за пола година во 2022 имаат 70 милиони евра, (18 милиони евра повеќе од 2021-та). Нив не сакате да ги оданочите, а воведуваме и остануваме на рамни даноци. Пола милион луѓе во државата, наши граѓани живеат со 100 денари дневно, синдикалната потрошувачка кошница е 52.000 денари во ситуација кога минималната плата е 18.000 денари.

Но, ништо од ова ваше чукање во гради не му помага на народот, да се изразам јакобински во духот на Робеспјер: „Народот сѐ уште шета бос по сокаци и сака да си направи чевли од кожата на аристократите.“. Воведувате типично десничарска рамноданочна политика, удирајќи се во гради дека спроведувате некаква си европска политика, не доведовте во позиција да сме заедно со Украина, Унгарија, Белорусија и Русија, само овие држави во Eвропа имаат рамен данок. Ниту една држава во Европската Унија кон која што наводно стремите нема рамен данок.

Се плашите да воведите прогресивен данок на доход, да ги даночиме бонусите. Еден менаџер зема бонус колку четиристотини шивачки. Се плашите да воведете данок на богатство како во Норвешка, Шпанија и Швајцарија. Се плашите да воведите данок на луксуз, дваесет и пет проценти е данокот на луксуз во Европска Унија во која што наводно стремите. Данокот на наследство на милионерите, Грција има шест пати поголем данок на наследство од нашиот. Данок на експлоатација, кога профитите на газдите се зголемени за триста проценти, а платите за педесет проценти, тоа е двесте и педесет проценти експлоатација.


Се плашите да воведете корпоративен данок на екстра профит, ко божемски го воведувате како некаков си данок на солидарност, а во меѓувреме најголемите профитери ви прават лажни финансиски извештаи за крај година, ко божемски се во загуба од два милиона, три милиона за на крај да не го платат и тој данок. Залудно е да се фалите со десет проценти зголемување на плати кога имате дваесет процентна инфлација.