Еднократното оданочување на екстра профитите освен што е задоцнето е и недоволно

  • Анализа на координаторот на Сектор Финансии при Политичката Партија Левица, Јулијана Штрковска Колариќ

Предлог Законот за данок на солидарност или данок на екстра профит, веќе по скратена постапка влезе во собраниска процедура. Според Предлогот, обврска за плаќање на овој вид на данок ќе имаат трговските друштва кои во 2022 година оствариле вкупен приход повисок од 10.000 евра и профит повисок за 20 отсто од просечниот, остварен во претходните периоди (2018, 2019 и 2021 година). Овие друштва ќе имаат обврска да платат данок на солидарност во 2023 година по стапка од 30 отсто. Со овој Предлог закон, Владата предвидува дека приходите ќе се зголемат само за 76.000 евра, што навистина е многу малку во споредба со профитите на, банките на пример.

Друг проблем е тоа што, откако Владата ова им го најави на профитерите, тие веќе ги приспособуваат расходите, односно ги фризираат завршните сметки за 2022 година, за да го избегнат ова оданочување, иако со третиот квартал прикажаа многу повисоки добивки од претходната година. Од друга страна, очигледно е дека се вршат притисоци овој закон да не се изгласа, па затоа премиерот апелира собраниската комисија да организира јавна расправа. 

Јас, како Координатор на секторот за финансии при политичката партија Левица, присуствував како претставник на дебатата во Министерство за финансии пред еден месец. На оваа јавна расправа, ги изнесов своите ставови кои можат да се сублимираат во следново: Прво, овој предлог закон е задоцнет и неговата еднократна примена нема да ги постигне посакуваните цели. Во земји-членки на ЕУ и во Велика Британија веќе се оданочуваат екстра профитите. Компаниите во банкарскиот, енергетскиот, фармацеутскиот сектор, како и во приватното здравство и компаниите што тргуваат со нафта и гас, заработија огромни профити последниве години, додека поголемиот дел од народот живее на работ на егзистенција, и оттука овој данок треба да биде повисок и редовен.

Праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем може да се обезбеди само со воведување на прогресивно оданочување, кое патем, оваа година владата го укина за данокот на личен доход. Мора да се стави крај на военото профитерство кое е овозможено посебно во големите економски кризи. Дејностите каде што енормно се покачуваат цените на производите и услугите. остваруваат и рекордни профити, иако тврдат дека зголемените цени се неминовни за покривање на загубите. Во оваа насока, потребни се и соодветни контроли од страна на Министерството за финансии, но, во минатото бевме сведоци дека Министерот како и Премиерот не се способни за такво нешто и дека реалноста покажува нешто друго – дека цените растат а не се намалуваат. 

На крај, би сакала да споменам дека Левица во својата Програма предвидува воведување на прогресивен данок не само на личен доход, туку и на данок на добивка како трајно решение за поголема праведност во оданочувањето и борбата за социјална еднаквост. Истовремено, Левица се залага за укинување на даноците за најмалите стопанственици кои владата оваа година ќе ги оданочува со иста стапка како и големите профитабилни трговски друштва.