Не сечете ни ја гранката на која сите заедно седиме

  • Пишува: Мери Георгиевска

На Македонија не и се потребни непријатели, кога има пријатели. Состојбава во која се наоѓа Македонија, до сега не е видена нити доживеана во поновата историја на демократијата и светов воопшто.

Во Собранието на РМ, во моментов од 120 живи пратеници имаме само двајца пратеници кои се во опозиција. Секоја чест и јака им душа како се справуваат двајца на 118! Капа доле. Невозможна мисија која ја прават возможна.

Кој прв почна за Македонија да падне на ова дереџе? Па се знае јасно и гласно. Во секој момент на течението на приказната од 1991, правилата на игра се менуваа. Алашвериш, „на ти“-„ дај ми“ меѓу двете најголеми партии и јако брендирана правда.

Еден пацер, преку ноќ требаше да стане велемајстор на политичките збиднувања во нашата држава. Тој стана единица мерка за „новото нормално“ кај неговите приврзаници – теророт, наспроти знаењето и демократијата. И патем беше изгласан на скали, замислете!! А другиот донесен за раче од бегалката.

Сороспиите имаа прецизно утврдена и пресметана функција: Да ја подмачкаат блокираната машинерија на Историјата на предавството. Они немаа „ново нормално“ во сценариото. Нивните сетила не препознаваат ништо друго освен звукот на кешот.

На овој велемајстор се приклучија и осуммината велевоајери, кои исчезнаа од ДПМНЕ на чудотворен начин од Библиска амплитуда и за триесет и три сребреници ја продадоа и ја одиграа можеби и најсмртоносната улога за Македонија гласајќи ЗА Преспанскиот договор. Го сменија името на нивната Татковина. Мува не ги лази.

Велемајсторот за предавства донесе за раче друг не толку талентиран велемајстор, но велеакционер. Ни го остави нам, на народот.

И сега на двете кобајаги најголеми партии во Македонија, крива им е Левица?!

Тие не се самоодржливи. Опстојуваат на ногарките на веќе одминатата парадигма на западниот империјализам. Не знаат дека тоа е минато и дека на Запад ќе има длабоки реформи после кои ќе настрадаат истите тие двајца подлизурковци.

Па чекајте луѓенца, каде ќе одите после? Штом сега ве жуља Левица, има зошто! Каде ќе бегате? Хм? Alle gegen Левица?! Прпаааааа……

Прво сакаа да ја турнат Македонија во првото украинско сценарио (не сегашното не дај Боже). А сега, сакаат да ја снема дури и од сценариото?!? Да го пренаменат сценариото за кое што веќе им одобриле пари?? Злочин!

Е тоа нема лесно да им помине. Скоро воопшто. Зошто Македонскиот народ нема да им го прости тоа. Но и некои големи сили нема да им го простат тоа. Ќе треба чизмите на СДС и ДПМНЕ да го згазат Македонскиот народ за да им успее оваа приказна. А да не почнаа да го газат, се извинувам да прашам?

„Новото нормално“ на СДС е некаде на кафе по комшиите, мислејќи дека народов е хипнотизиран и сè уште e во некое дамнешно минато и дека никој не може да го извлече од дома нити со багери.

Минатото на кое се навикнати да го повторуваат, зошто се безидејни, никогаш не може да биде „ново нормално“, бидејќи тогаш, некогаш, било „нормално“ во тогашното сегашно време. Но, сега тоа тогашно „нормално“ не може да биде и сегашно „нормално“. Апсолутно неможно! Врската што ја направиле со минатото е нераскинлива еве веќе над 30 години. Си имале „на ти“- „дај ми“ отсекогаш. Така опстанувале.

Колку пак сега најголемата опозициска партија во фејдаут е конектирана со Македонскиот дух? Одговорот е малку или ич. Зошто нивниот лидер исто така се приклучи кон „новото нормално“ на вториот неизгласан велемајстор, и неизгласан нити на скали нити од народ (изгласан на Конгрес без противкандидат, па човече ова нигде го нема, па ни во Недојдија), се прави на удрен за иднината на Македонија, додека возот си тече на линија исток запад. Он си е кул, избредниран, додека бугарските фашисти и дел од албанските партии спроведуваат опасни заговори за редукција на Македонија или тотално поништување и тоа со скорешни завчерашни тараварски ултиматуми за влез и рез во Уставот. 

Принципите на суштествувањето на СДС и ДПМНЕ се врзани преку одамна веќе застарениот модел на таканаречен конфликт, лош пинг понг, кој носи целосна безидејност и небиднина, за разлика од моделот на Левица, кој е длабоко врзан со поимот – кооперативност. „Новото нормално“ за партијата со сега два надчовечки пратеника, а во најскора иднина со 15, означува прогрес, отпорност на промените, зошто секој кој не е отпорен на промена се крши порано или подоцна. Кога велам се крши, мислам на двете акционерски друштва кои очигледно се кршат и на кои не им е ни трунка гајле како ќе го наранат народот во гладните 2023,24,25…

Или пак ќе ја раситнат Македонија, за да фрлаат корка леб на сиромаштијата и пензионерите?!

Од душа и срце им порачувам да не го потценуваат Македонскиот народ кој веќе ги препознава вредностите, промените и духот на времето. Пишувајќи, се прашувам дека можеби приказните беа повеќе од езерски договори, што може да се покаже уште попогубно за Македонија. А зошто?

Затоа што најдобар рецепт за распаѓањето на секоја група, тим, или партија, е патетичен повик за борба за нови, уште поконфликтни политички цели, кои сега ги прават двете најголеми партии во заминување или прогласување на јавна распродажба на Македонија во која и двете акционерски друштва, СДС и ДПМНЕ се најјаки, не правејќи ама ништо да го прегрнат сопствениот народ и својата татковина Македонија во топла прегратка, ако не од љубов, по задача барем, зошто изгласаните мора да работат по ветувањето. Но овие не се изгласани!! Македонски народе, нас не љуљаат неизгласани/нелегални политичари.

Власта со нејзините веќе одамна мувлосани тоталитарни фашистички wanna be лидери ја инаугурираат глупоста како своја програма, за да го дозагадат веќе мислењето, или да му се згади на човека животот штом ќе ги здогледа на ТВ, токму нив – Лидерот на предавството и Лидерот на глупоста.

Како резултат на горе наведениов приказ, тие, СДС и ДПМНЕ или Таче и Мицковски се однапред осакатени да направат било што, па макар и зло. Макар и насушно зло за кое копнеат. Нивното насушно зло е Македонија! Зошо бе така ДПМНЕ? Ај СДС има традиција. Ама сега и ти сине Бруте?

За жал, обете во моментов се плашат ко ѓавол од темјан од опстанокот на Македонија! Нешто је труло у белој палати…! Они не се способни за демократија, зошто демократијата подразбира слободен избор, а слободниот избор е размисла. Размислата е резултат на коефициентот на интелигенција. 

Не бројте лајкови, ќе бројте гласови.

Арно ама, Македонскиот народ не е ни при очи слеп, ни при уши глув, како што впрочем тоа го мислат и како што го потценија авторите на грозоморното сценарио кое е во тек за уништување, расцепување и распарчување/касапење на татковинава.

Да се надеваме дека тој, Македонецот, опколен од домашните волци, ќе се носи посилно од секогаш носен на новиот огромен бран на политичката партија Левица, која надоаѓа и се задава сè повеќе со брзина на светлината и која ќе ги преплави собраниските клупи многу скоро со правда и леб за сите.

Кодот на Македонскиот народ бил, е и ќе биде инстинктот за преживување.

Кога фактите се јасни, изборот станува јасен!