Акад. Катица Ќулавкова: Македонскиот јазик со Законот за јазиците е маргинализиран!

Редовниот член на Македонската академија на науките и уметностите и универзитетски професор по теорија и методологија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување, Ќулавкова, во текст објавен во весникот „Нова Македонија“ осврнуваќи се на статусот на македонскиот јазик го анализира новиот предлог Закон за употребата на македонскиот јазик.

Статусот на македонскиот јазик како службен јазик на територијата на целата држава е утврден со Уставот на Република Македонија уште во македонската република во составот на некогашна Југославија по Втората светска војна. Овој статус на македонскиот јазик како службен на целата територија на Република Македонија, од што произлегува неговата улога на интегративен фактор на општеството и должност на сите институции, но и граѓани на Републиката, да го учат, познаваат и да го употребуваат македонскиот јазик во службената комуникација, беше потврден и со Уставот на независна Република Македонија, а подоцна и со амандманите произлезени од Охридскиот рамковен договор 2001.

И покрај тој уставно загарантиран статус на македонскиот јазик, со Законот за јазиците, како и во практиката, употребата на македонскиот јазик во државните институции и органи, како и во општеството, постепено се ограничува и се деградира…Еден говорител на јазик на популација од 20 отсто има поголеми јазични права во практиката од уставното право на македонските говорители.

Македонскиот јазик, со Законот за јазиците е маргинализиран, до толку повеќе што и Инспекторатот и Агенцијата имаат првенствено функција да ја спроведуваат и да ја штитат употребата на албанскиот јазик на сите нивоа и во сите институции во државата, а не да се грижат за македонскиот јазик кој нема ограничувања, според Уставот за да биде употребуван во државата, индивидуално и институционално.

Повеќе предложени законски решенија го ставаат македонскиот јазик во несоодветна позиција. На пример, со овој нов Закон се предвидува – за вршење инспекциски надзор над примената на Законот – да се основа Инспекторат за употребата на македонскиот јазик, во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, за разлика од Инспекторатот предвиден со Законот за употребата на јазиците кој е орган на Министерството за правда.

Со предлог-законот за македонскиот јазик всушност се истакнуваат основните јазични политики, а не и законски мерки кои ќе го штитат стекнатиот статус на македонскиот јазик како примарен во службената и во јавната комуникација на територијата на целата држава и за сите граѓани.

Основен впечаток е дека и со овој нов Закон за употребата на македонскиот јазик, се зголемуваат конфузијата и противречностите поттикнати со Законот за јазиците од 2019. Дури и со самиот Закон за јазиците, јасно е дека се подвлекува разликата во уставно предвидениот статус на македонскиот и другите јазици во Републиката.

На крајот на својата анализа, академик Ќулавкова забележува и дека т.н. Закон за јазиците, кој 2019 та година беше објавен во „Службен весник“ без потпис на претседателот на државата, излегува од рамките на Уставот на РМ, па и на Охридскиот рамковен договор и не е во согласност со идентитетската карта на нашата држава во ОН; u проблематичен е начинот на неговото предлагање и на постапката на неговото усвојување како и тоа дека овој Закон не ги почитува европските регулативи за регионални и малцински јазици.

Целата анализа може да ја прочитате на следниов линк: https://novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/za-makedonskiot-jazik-i-za-noviot-predlog-na-zakonot-za-makedonskiot-jazik/?swcfpc=1