Левица: Усје донира – Георгиевски не поставува мерна станица за квалитет на воздух

  • Реакција на Левица Кисела Вода

Очигледно е дека менаџментот на „Титан Усје” со ситни донации за општина Кисела вода го купува непостапувањето од страна на локалната власт.

Иако советниците на Левица уште во септември поднесоа предлог-иницијатива за поставување на мерна станица за контрола на квалитетот на воздухот во околината на Цементарницата, одговор од власта на ВМРО-ДПМНЕ нема!

Со донација од 3.500.000 денари за цемент за бетонирање, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски направи пазар со директорот Борис Хрисафов со здравјето на граѓаните на Општина Кисела Вода и пошироко.

Со отстапување на простор од цементарницата за отварање на Противпожарен дом, градоначалникот на Општина Кисела Вода се обидува да им подметне кукавичино јајце на граѓаните на Кисела Вода и да го заштити странскиот капитал кој свесно ги труе граѓаните.

Дека олигарсите во Македонија се во тесна спрега со политичката елита за да работат неказнето, покажува и фактот што цементарницата „Титан Усје” ја заврши 2021 година со чист профит од енормни 19 милиони евра. На вакви милионски профити, секоја финансиска санкција за компанијата нема да има никаква последица врз нејзиното работење.

Ги прашуваме градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ, колку вреди здравјето на граѓаните на Општина Кисела Вода?

Зошто поради донации и тесно партиски интереси, предлог- иницијативата на Левица за поставување мерна станица во кругот на фабриката за цемент не се имплементира?