Натепаниот секретар на „Цар Борис Трети“ во 2018 – од митинг на ВМРО-ДПМНЕ, до светски медиуми

Секретарот на фашистичкиот клуб „Цар Борис Трети, Христијан Пендиков, кој на 19 јануари вечерта бил нападнат одзади од три лица пред ресторанот „Тино“ во Охрид – пред пет години, уште како малолетник се нашол во повеќе светски медиуми.

Имено, негова фотографија, на која вее знаме во едната рака, а со другата држи црвена факел, за време на митинг на ВМРО – ДПМНЕ, одржан на втори јуни во 2018 година, се најде во повеќе светски медиуми, помеѓу кои и Вашингтон пост, АП њуз и други.

Станува збор за митингот под мотото ,,Македонија ќе победи”, на кој беа упатени критики за власта предводена од СДСМ. Тоа беше прв митинг организиран од тогашното ново раководство на ВМРО – ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски.

Освен што беше дел од митингот на ВМРО – ДПМНЕ, сегашниот секретар на бугарскиот клуб на својот фејсбук профил има голем број на фотографии на кои позира во маица со ликот на Тодор Александров, со останати повозрасни членови на здружението.