Крмов до Османи: Кога УЧК убиваше цивили Македонци тоа беше дозволено

УЧК убиваше цивили и цел еден град го остави без вода, ама кога е врз Македонци можеше и беше оправдано, така Бујар Османи, прашува пратеникот од Левица Борислав Крмов, споделувајќи ја изјавата на министерот за надворешни работи, кој во улога на претседавач на ОБСЕ деновиве е во посета на Украина.

Македонија доби неиспровоцирана агресија од Косово, како благодарност за згрижувањето на илјадници бегалци, ама тогаш не беше кршење на меѓународното право.
Вашите крокодилски солзи не лажат никого, порачува Крмов.

При посетата на Украина, министерот Османи изјави дека ништо не може да оправда убивање цивили, ниту попречување на транспорт на вода и храна. Крмов во својот статус потсети на случајот Липковска брана, каде поранешниот министер Садула Дураку со уште двајца припадници на тогашната ОНА, во 2001 го завртел вентилот за довод на вода кој се наоѓа на Липковското Езеро. Тогаш Куманово беше речиси два месеца без вода.

Во 2007 полицијата го приведе Дураку, а судот му одреди мерка притвор. Дураку се товареше за велепредавство и загрозување на територијалниот интегритет на Република Македонија, како и за воени злосторства против цивилно население. И овој случај беше опфатен со амнестијата изгласана од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.