Црвениот поет Кочо Рацин: Камен-темелник на современата македонска поезија

  • Објава на Левичарскиот институт „РАЦИН“

Песната отсекогаш била чувар на народните копнежи, страдања и надежи. Чувар на континуитетот на нашиот народ. И не случајно основоположник на современата македонска поезија е токму Коста (Кочо) Солев- Рацин. Тој во своите песни ги има обединето страдањата, вековниот сон за слобода и копнежот за самобитност на македонскиот народ, овојпат разбудени и освестени дека заеднички именител на сите тие нишки им е токму класната борба.

Роден е во скромно занаетчиско семејство во Велес, на 22.12.1908 година. Рано, многу рано врз неговите плеќи паднал товарот на егзистенцијалната грижа: уште на 12 години морал да го напушти училиштето и да му помага на татка си, грнчарот Апостол. Ноќите ги минувал напрегајќи ги очите да чита на скудната виделина од газиена ламба.

Во 1924 година станал член на Комунистичката партија. Во исто време бил и синдикален активист. Во 1926 година станал член на месниот комитет на СКОЈ во Велес, а истата година станува и дописник на весникот „Организовани радник“, синдикален весник на независните синдикати. По две години (во 1928 година) избран е за секретар на Синдикалниот месен совет во Велес.

Истата таа 1928 година во ноември учествувал во работата на Четвртиот конгрес на КПЈ одржан во Дрезден, како единствен делегат од Македонија. По враќањето од Дрезден бидува уапсен, но набрзо го ослободуваат во недостаток на докази. Сепак, по неколку месеци, во 1929 година, го регрутираат за отслужување на воен рок.

Таа година е воведена диктатурата во Кралска Југославија, а движењето на комунистите во Македонија бидува разнебитено. Истото се возобновува во 1932 година, а во август 1933 година бил оформен Обласен комитет на КПЈ за Македонија. Еден од трите члена на овој комитет бил и Кочо Рацин. Истата година почнуваат да го издаваат весникот „Искра“, а негов уредник бил Рацин. Во 1934 година Рацин е уапсен и испратен во затворот во Сремска Митровица. Времето поминато таму го употребува за преведување на Комунистичкиот манифест на македонски јазик заедно со други затворени комунисти.

Во годините по излегувањето од затворот тој живеел и работел полуилегално. Паралелно со неговата политичка активност, пишувал, раснел и како поет. Овој растеж кулминира во 1939 година кога од печат излегува неговата збирка „Бели мугри“.

Уште неколкупати бил апсен и пред почетокот и за време на Втората светска војна. На 5.5.1943 година им се придружува на партизаните, станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“ и почнува да работи на прибирање на македонски народноослободителни песни. На 13.06.1943 година погинува на Лопушник под сѐ уште неразјаснети околности.

Згаснал неговиот живот, но не и жарот за борба кој и денес пламти во неговата поезија.

Рацин е црвен поет, поет на револуцијата и борбата. Стиховите на Рацин се актуелни и денес и ќе бидат актуелни сѐ додека има класна нерамноправност и експлоатација.

ДО ЕДЕН РАБОТНИК
Да бидеш човек, да имаш топла крв,
да мислиш со глава и да работиш со рака
и па да бидеш нешто мртво.
През цел свој живот и ден и ноќ
да се трудиш и мачиш
и па да бидеш гладен и страден.
Работник - патник:
да немаш ништо, да страдаш за сичко –
а ти и твоите браќа да праите се!
Палати да праиш
да живееш у изба –
од лулка до гроб
да бидеш роб.
Од вашата мака
да живеат друзи!
О, братко! Плукни на таков живот!
Со браќата твои, со маката ваша,
сронете го овој свет
и нов направете –
братски!