Побегнатиот украински олигарх Онишченко добил македонско државјанство како истакнат спортист

  • Реакција на Левица – Сектор спорт

Украинскиот политичар, Александр Онишченко кој фигурира на листата на санкции на САД и е баран со потерница од Украина за перење пари, во Македонија добил државјанство како истакнат спортист кој се натпреварува како македонски репрезентативец во коњички скокови.

Одобрение дале Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет, Федерацијата на коњички спортови и главен позитивен одговор дала Агенцијата за национална безбедност која не нашла ништо спорно во контроверзната биографија на Онишченко.

Иницијативата за добивањето државјанство ја поведува Федерацијата за коњички спортови. Ристо Јосифовски, претседател на коњичката федерација на Македонија, потврди дека тие побарале државјанство за него.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски наведува дека институцијата не дала позитивен одговор за стекнување државјанство бидејќи е ненадлежна, тврди дека од Федерацијата за коњички спортови било побарано, но тие никогаш не доставиле докази за успесите на барателот на државјанство.

Сепак владата му дала државјанство и во својата одлука ги потенцира токму позитивното мислење на Агенцијата за млади и спорт како оправдување што на спортист со контроверзна политичка биографија полна со корупциски скандали му дала македонски пасош.

Во мислењето испратено до владата, Агенцијата се повикува на Коњичката федерација, која цени дека тој ќе го поддржи развојот на коњичкиот спорт, дека има искуство како тренер и дека ќе ја претставува нашата држава на врвни спортски меѓународни настани.

Претседателот на МОК, Даниел Димевски, вели дека иницијатор за ангажманот на Онишченко е Коњичката федерација, а комитетот само оценил дека овој човек може да се пласира на Олимпијада под македонското знаме. Димевски објасни дека се создава македонска репрезентација за овој спорт, покрај Онишченко има уште еден репрезентативец „позајмен“ од Словенија, а коњите со кои тие двајца настапуваат (и кои се исклучително скапи) се во сопственост на Украинецот.

Директорот на АНБ Виктор Димовски кој многу скоро треба да стане амбасадор во Франција сѐ уште не даде одговор на сите овие прашања – дали и колку се вмешани МОК на чело со Димевски, АМС на чело со Мојсовски, Федерација на коњички спортови на чело со Јосифовски и самата АНБ и Димовски како нејзин челник.

Од денешната изјава, се истакнува дека лоцирале одговорност кај поединец вработен во АНБ, што сѐ повеќе наликува на трагедијата со модуларната болница и обвиненијата за „кабелот“.