Во Латинска Америка цунами на протести против неолиберализам

Народни протести се шират низ Латинска Америка. Работничката класа во Чиле, Еквадор, Хаити и Колумбија се дигна во отпор против неолиберализмот, идеологија која со децении служи да го осиромаши локалното население низ целиот континент. 

Во Чиле, масовни демонстрации се во тек од минатиот петок. Поскапувањата на картите за метро ја прелеа чашата на незадоволство во Чиле. Скоро 20 луѓе веќе беа убиени од полициските сили откако Владата објави војна врз активистите, мнозинството од кои се студенти и средношколци. Претседателот Пињера го активираше Законот за безбедност, според кој активистите можат да се осудат на 10 години затвор поради „нарушување на внатрешната безбедност“. Пињера е еден од најбогатите Чилеанци со богатство кое се проценува на скоро 3 милијарди долари. Нееднаквоста во Чиле е помеѓу највисоките во светот. За време на диктатурата на Пиноче, беа променети закони, а институциите изменети за да овозможат целосно владеење на пазарниот фундаментализам во државата. Во осумдесеттите овие мерки доведоа и до приватизација на водата, што постојано предизвикува прекини на водоснабдувањето низ цело Чиле. Резултатот на овие реформи беше осиромашувањето на населението и збогатување на мала елита. 

Во Еквадор, неколку недели домородното население протестираше против мерките за штедење и откажувањето на субвенциите за гориво, донесени од претседателот Морено под притисок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Протестите го парализираа главниот град, Кито, и ја натераа Владата да ги повлече мерките за штедење и да го врати субвенциите за гориво. Конфедерацијата на домородното население изјави дека повлекувањето на мерките е победа против „нападот на неолиберализмот во Латинска Америка“.  „Конечно, припадниците на работничката класа, кои долго време се опресирани и потиснати сега се обединија во нивната заедничка борба за човечки живот“ – изјавија од Конфедерација на домородното население. Конфедерацијата, која беше главен организатор на протестите, објави и отворено писмо во кое се одбиваат мерките на ММФ за кои се вели дека „ги кршат правата на луѓето во Еквадор“ и никако не се во нивни интерес. 

Во Хаити, повеќе од еден месец анти-владини активисти демонстрираат и бараат оставка од Претседателот, поради распространетата сиромаштија и невработеност. Претседателот е обвинет и за корупција, односно за крадење на 2 милиони долари јавни пари кои биле дел од субвенционирана програма од Венецуела наменета за социјални проекти. На протестите беа палени знамиња на САД поради нивната вмешаност во државната политика и поддршка за власта.

Во Колумбија, најмалку пет студенти беа повредени во анти-владините протестите во Богота на крајот на септември. Протестите, кои се проширија во 17 градови низ Колумбија, беа организирани од страна на студенти кои бараа крај на корупцијата во Универзитетите и зголемување на државното финансирање на јавното образование.