Зошто од санкциите на западот повеќе трпи Европа отколку Русија?

  • Пишува: Љубиша Петровски

Пред извесно време земјите од Г7 и Австралија во координација со ЕУ се договорија да одредат фиксна граница на цените на руската нафта. Ова би требало да ја зголеми стабилноста на пазарот и ќе го намали приходот на Русија како дополнителен притисок, пренесе Ројтерс. Финализирањето на фиксната цена на нафтата се планира за крајот на ноември.

Освен што оваа мерка не е пазарно ориентирана и ги уништуваат принципите на кои се базира западната економија, таа е добредојдена за западот затоа што дава можност да се казни Русија со тоа што ќе ја натераат да ја продава нафта по дампинг цени. Меѓутоа, се заборава на тоа дека Русија едноставно нема намера да ја продава нафтата по такви цени, така изјави Рускиот претседател Владимир Путин веднаш после самитот на Г7.

За тоа какви мерки се ова, говори и фактот дека руската нафта ќе се купува од Русите само по ограничени фиксни цени, но не е забрането да се купува „од втора рака“, нормално, по пазарни цени, значи – многу поскапо. Па тогаш истите тие земји се прашуваат зошто руската економија не паѓа како што очекуваат.

Има и други „генијални идеи“.  – Овие санкции се воведуваат за нафтата, но не и за гасот. – Ние не купуваме руски гас од гасоводот, но затоа купуваме огромни количини течен руски гас, и за тоа плаќаме неколку пати поскапо. – Нафтата наеднаш станува естонска. – Не смееме ништо да купуваме од Русите, освен тоа што ни треба… И така натаму… Во меѓувреме богатите земји ги купуваат енергенсите и ги наполнија своите складишта до врв, а тие што немаат средства тоа да го направат, не се важни, и на крај ќе си платат поскапо.

Сите големи компании по наредба, ја напуштија Русија, но сега полека се враќаат под други имиња – „Зара“ станува „Нова мода“ или дури „З“, Бершка има друго име, се подготвуваат и „Ланком“, „Реткен“, „Ив Сен Лоран“, „Армани“. „Најк“ веќе отвори продавница под името „НСП“. Се разбира, сите тие имаа „други“ сопственици.

И многу производители во Европа плачат затоа што трпат огромни загуби. Статистиката покажува дека производството на ѓубрива, кое во голема мера зависи од природниот гас како суровина, е намалено за половина.

Во Германија, уделот на енергијата во металургијата е 26%, во хемиската индустрија 19 %, во производството на стакло — 18 %, во индустријата за градежни материјали — 15 %, што значително ги зголемува трошоците за производство. Затоа, производството на црна металургија е намалено за 10 %, многу производи дури и за 50 %.

Слично е и во другите земји од ЕУ, затоа во последно време е забележлива тенденција производството да се пресели во Америка. Германскиот концерн „БАСФ“ објави дека постепено се повлекува од ЕУ. Норвешка „Јара интернешнл“ и австрискиот производител на челик „РХИ“ ги зголемува своите инвестиции во САД. „Фолксваген АГ“ најави дека најголемиот дел од производството ќе го пресели во Америка. Tesla2 нема да ја реализира идејата за производство на батерии во Германија, токму поради високата цена на енергијата во Европа. Индустријата се сели во САД, каде што гасот е многукратно поевтин. Но, таму имаат „мал“ проблем – недостаток на работна сила. Да се донесат инженери од други земји не е никаков проблем, бидејќи тоа се добро платени работни места, но ситуацијата е сосема поинаква со неквалификуваната работна сила – ако работодавците ги мотивираат да дојдат за пари, производството нема да им се исплати.

Сепак, САД имаат еден адут, лидерство во најсовремените технологии. Но и за тоа е потребно да се увезуваат ретки метали од Кина и Русија. САД колку и да сакаат едноставно не можат да станат „светска фабрика“ како што тоа го направи Кина во изминатата деценија. Како што стојат работите, Европа сериозно се деиндустријализира. Се поставува прашањето – што ќе биде со некоја членка на НАТО или ЕУ, која прва ќе се осмели да ризикува, и да ги искористи овие предности? За тоа денес сериозно размислува Унгарија, но и некои други европски земји.