Апасиев нема да присуствува на лидерската средба: Ние сме тврд орев!

Лидерот на Политичката партија Левица, Димитар Апасиев, изјави дека нема да присуствува на лидерската средба во понеделник:

Со нас не можат да се договараат како со вмровците. Ние сме тврд орев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Mицкоски, иако претходно тврдеше дека Уставот е последната брана од бугаризација, а неговите пратеници дадоа нотарски гаранции дека нема да гласаат за промена на Уставот – тој денес изјави дека ќе гласаат за влез на Бугарите во Уставот ако има гаранции и дека ќе присуствува на лидерската средба:

Најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и тука ние и целата јавност, се предвремени парламентарни избори. А, што се однесува за уставните измени, тоа прашање е затворена тема затоа што уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија. Јас како човек ниту уцени прифаќам, ниту пак зад завесата договарам. И сите оние инсталации и мегафони на власта кои веруваат во теорија на заговори, да им е јасно дека без, повторувам, јасни гаранции за европска иднина на Македонија каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае.

Оваа лидерска средба премиерот Димитар Ковачевски ја свика со цел кроење на европската иднина на Македонија и разговор за одлуките коишто наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус, односно средбата ќе се однесува на отворањето на Уставот и внесувањето на барњата на Бугарија наведени во Францускиот предлог.