НАТО преку тендери ќе анализира како Русија добива јавна поддршка

Центарот за стратешки комуникации на НАТО (NATO StratCom COE) објави два тендери чии учесници треба да ги анализираат комуникациските стратегии на Руската Федерација.

Оние кои ќе бидат примени во истражувачкиот центар на НАТО ќе анализираат какви информации се дистрибуираат до граѓаните на Руската Федерација, но и до земјите од Азија, Африка и Латинска Америка од почетокот на Специјалната воена операција.

Фокусот на првиот дел од истражувањето ќе биде на тоа како Русија во различните фази на конфликтот во Украина си обезбедила поддршка со помош на стратешки комуникации упатени до домашната јавност.

За таа цел, НАТО ќе ги анализира изјавите на официјалните лица, информациите објавени на веб-страницата на претседателот на Русија, веб-страниците на различни министерства, Државната дума, Советот за безбедност како и нивните канали на телеграм. Ќе се анализираат сите објави и изјави од 1 април до 31 декември претходната година.

Вториот дел од проектот ќе вклучува анализа на комуникациските стратегии на Русија во странство, но без Западот. Причината за ваквото истражување е тоа како руската страна успева да добие поддршка во земјите од Африка, Азија и Латинска Америка.

Потребен ни е детален опис на тактиките што ги користи Русија за да влијае на јавноста во трети земји и нивната перцепција за ситуацијата (во Украина)“, се вели во документот на НАТО. Организацијата додава и дека е потребно да се истражи со каква слика Западот се претставува во јавноста, имајќи предвид дека овие земји „не се дел од сферата на влијание на Западот и затоа претставуваат многу актуелна цел на дезинформации кои доаѓаат од Русија“.