Руските медиуми ја пренесоа веста за антифашистичкиот протест во Охрид

Вчерашниот протест во Охрид, кој влегува во низата антифашистички протести годинава, одекна не само во регионот, туку и во медиумите од целиот свет. „Балканская сплетница“ е руски медиум што особено се занимава со пренесување на главните случувања во балканскиот регион, а еве што напишаа тие за вчерашниот протест против отварањето на „Културниот клуб“, именуван по бугарскиот соработник на Хитлер, фашист и окупатор, Борис III:

Во Охрид имаше обид да се отвори културен центар што го носи името на бугарскиот цар Борис Трети, заради кого во време на Втората Светска Војна, Бугарија се приклучи на земјите на фашистичката Оска.

Сепак, свечената церемонија беше нарушена поради масовен протест. Толпата извикуваше „Убијци“, ја пееше химната на Македонија и носеше транспаренти „Со фашисти не се преговара“, јасно алудирајќи на незадоволството од одлуката на властите да направат компромис со Софија за прашањата на македонскиот идентитет, со цел државата да се приклучи кон ЕУ. Дојде и до судири со полицијата, која се обиде да ги растера демонстрантите.

И ова не е првпат Македонците да останат крајно незадоволни од величењето на бугарските „херои“ на територијата на нивната земја. Во април, во градот Битола, отворањето на центар во чест на уште еден нацистички соучесник, Ванчо Михаилов, беше проследено со исто толку остра реакција – тогаш имаше обид да се запали културниот клуб.“